На стадионот на АРМ во Скопје синоќа настапи Грејс Џонс, приредувајќи спектакуларен настап и фасцинантно музичко шоу.
Една од најпрепознатливите фигури на американската музичка сцена, Грејс Џонс речиси четири децении ја дефинира музиката, модата и уметноста.
„Сакам ве сите Македонијо“, повторуваше таа, не криејќи дека е задоволна што публиката заедно со него во глас и ги пееше безвременските хитови.
На 76, оваа неверојатна пејачка родена во Јамајка, на синоќешниот концерт го даде најдоброто од себе со необични перформанси, неуморно пресоблекувајќи се неколкупати во авангардни креации.
Во текот на концертот кулминацијата ја достигна кога се појави во таканаречен костим за капење и пеејќи ја „Slave to the Rhythm“ играше и вртеше хулахоп 12 минути.
Важи за една од најреволуционерните уметнички појави на светот на сите времиња, а се уште сите напамет ги знаат нејзините хитови.
„Pull Up to the Bumper“ го испеа заедно со публиката, кога во еден момент се симна од сцената и им се доближи на присутните во првите редови, додека за бис ја остави култната „La vie en rose“ која ја испеа со публиката во еден глас.
Оваа авторка, пејачка, музичарка и модел на светот му подари опус почнувајќи од албумите „Warm Leatherette” и ”Nightclubbing” до сингловите како ”Private Life”, ”Pull Up to the Bumper”, ”I‘ve Seen That Face Before” и ”Slave to the Rhythm” со кои ги крена музичките стандарди.
VH1 ја стави на списокот од 100 најважни жени на ронекролот, додека „Billboard“ ја смести меѓу 40-те најголеми имиња на клупската култура.
Грејс Џонс и синоќа покажа дека нема конкуренција, затоа што е уникатно авангардна и никогаш не личела на никој.