Членовите на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) денеска генералниот штрајк на вработените во јавниот сектор го реализираат пред Министерството за финансии, од каде повторно побараа нивното барање за линеарно зголемување на платите од 2.806 денари за секој работник да се вметне или преку амандман или преку Општиот колективен договор.
Претседателот на ССМ Дарко Димовски испрати апел до министерот за финансии да го прифати ова барање бидејќи како што посочи, истото е издржано согласно покачувањето на цените на храната, нафтените деривати, електрична енергија.
– Денеска сме пред Министерството за финансии каде бараме од целото Министерство вклучително и од службите да го вметнат нашето барање за линеарно зголемување од 2.806 денари за секој работник, сакаат преку амандманот поднесен од ССМ во Собранието на Македонија, сакаат преку Општиот колективен договор за јавниот сектор, бидејќи гледаме и денеска се состанува РКЕ за да ја покачи струјата од 1 јули. Затоа, ова што го зборуваме денеска навистина е неопходно. Апелираме до министерот за финансии да го прифати нашето барање – изјави Димовски.
Генералниот секретар на ССМ, Трпе Дејановски изјави дека вработените не браат луксуз, туку начин како да ја преживеат инфлацијата.
За време на штрајкот денеска се појавија и неколку пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, СПМ и Беса, кои дадоа поддршка на барањето на ССМ, и посочија дека во рамки на Комисиската расправа за ребалансот на Буџетот, на крајот како комисиски предложен амандман ќе гласаат. Пратениците испратија повик од СДСМ и ДУИ да гласаат за овој закон, или дури и самите да го предложат како амандман со цел да се излезе во пресрет на работникот.
–На десеттиот ден од амандманската расправа ние повторно ќе поднесеме комисиски амандман. Ја користиме секоја прилика, секој работен ден да ги убедиме пратениците од мнозинството кои го создаваат во Комисијата дека треба да го поддржат овој амандман и апелирам до пратениците да уште еднаш направат елаборација на сопствениот став да го променат и на 10-иот ден од амандманската расправа да го прифатат комисискиот амандман – изјави пратеникот Бојан Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ.
Според пратеникот Љупчо Димовски од СПМ, 2.806 денари во овие кризни ситуации се од драгоцена вредност за секој работник кој е исцрпен и е на работ на голасра егзистенција.
– Станува збор за две суштински работи. Станува збор прво за почитување на Законот за минимални плати и неговото усогласување линеарно со овие спомнати 2.806 денари за коишто Владата има обврска да ги реализира. Втората работа е човечката димензија затоа што во вакви кризни ситуации тие 2.806 денари се драгоцена вредност за секој работник којшто е и онака до крајност финансиски изнемоштен, исцрпен и на работ на голата егзистенција – изјави Димовски.
Пратеникот Фадил Зендели од БЕСА изјави оти смета дека власта од ветувања треба да премине во конкретни акции за да може да се разрешат овие проблеми што ги имаат вработените затоа што, како што рече, станува збор за минимални барања.
– Ситуацијата економска се влошува секој ден. Не дека со тие 2806 денари ќе се решат проблемите на нашите семејства, но секако ќе биде по благонаклоно кон секојдневното живеење и секојдневниот стандард на нашите граѓани – изјави Зендели.
ССМ најави дека штрајкот продолжува, а во понеделник органите на Синдикатот ќе одлучат кои ќе бидат дополнителни активности.
Во меѓувреме останува онаа одлука дека вработените во јавниот сектор ќе бидат на своите работни места но нема да извршуваат работни задачи, освен 10 проценти од вработените кои ќе бидат на располагање за потребите на граѓаните.
Фото: МИА