More

    На последниот работен ден го потпишал предлогот и го доставил до Собранието

    spot_img

    Премиериот во заминување Димитар Ковачевски вчера го потпишал и го проследил до Собранието контроверзниот Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за рестриктивни мерки, без претходно да добие мислење од Министерството за правда, дознава „Плусинфо“.

    Вакавата одлука Ковачевски ја донесе на последниот ден од својот мандат како премиер, и покрај огромните резерви кон овој закон кои постојат во стручната фела, како и оценките на идниот премиер на техничката влада Талат Џафери, кој смета дека ваков предлог не може да биде дел од македонскиот правен поредок затоа што се коси со Уставот и законите.

    Владата на својата 22 седница одржана на 16 јануари, на предлог на Министерството за надворешни работи, дискутираше околу предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за рестриктивни мерки. Притоа, како што соопшти владината прес служба, со консензус, едногласно, „изрази политичка волја да се поднесе закон до Собранието на Република Северна Македонија, којшто ќе биде усогласен со македонското законодавство. Исто така, ќе бидат иницирани измени и на други закони, на коишто ќе имаат одраз измените на Законот за рестриктивни мерки“.

    Измените на Законот за рестриктивни мерки, донесен во 2018 година, предвидуваат правните акти на САД и правните акти на Обединетото Кралство да се додадат како основа за воведување рестриктивни мерки во Македонија.

    Инаку, досега рестриктивните мерки се носеа врз основа на обврзувачки резолуции на Советот за безбедност на ОН, потоа правни акти на ЕУ, правни акти на други меѓународни организации во кои членуваме и на барања од надлежни организации на други држави, но само за тероризам и пролиферација на дроги.

    Покрај овие измаени, предвидени се измени и во Законот за конфискација на имот во граѓанска постапка, со кои ќе се овозможи конфискација на нелегално стекнат имот врз основа на барања, покрај другите меѓународни организации, и од САД и од Обединетотот Кралство.

    Исто така се предвидува ставањето на некои имиња на тнр „црни листи“ во овие земји да стане обврска на домашните обвинителства да ги процесираат тие предмети, односно да отворат постапка.

    Според домашните кривичари и правници извршната власт преку Законот за рестриктивни мерки ќе го озакони влијанието врз судството, спротивно на Уставот и спротивно на Европската конвенција за човековите права. Конфискацијата врз онова на тнр. „црни листи“ на странски држави, за кои ќе решава владино тело предвидено со овој закон, исто така е противуставно, затоа што тоа е спротивно на начелото конфискација на нелегален имот да може да се извршува единствено врз основа на судска одлука.

    Професорот по Кривично право Гордар Калајџиев, кој првично изјави дека „правната фела е згрозена од незрелоста на овој пропис“, преку Фејсбук објави дека исто така дошол до информација дека Предлог- законот на владата за измени на Законот за рестриктивни мерки е пуштен во Собрание.

    „Во Законот за рестрикции нема една реченица како што треба! Слушам Таче го потпишал иако му е кажано дека нема врска со живот. Нормални ли се овие луѓе?! П.С. Бидејќи тврдат дека за невини не е штетна, предлагам Грковска и Таче да ја пробаат оваа Франкејшајн постапка прво врз себе!“ – напиша професорот.

    Идниот премиер на техничката влада Талат Џафери исто така е против измените во Законот за рестриктивни мерки затоа што на тој начин „црните листи“ на САД и на Обединетото Кралство стануваат дел од правниот поредок на Македонија.

    – Во однос на предлогот за црните листи да станат дел од македонскиот правен поредок јас сум против оти тоа не е предвидено во Уставот и законите, а тие не се меѓународни документи па да се ратификуваат од македонското Собрание и така да влезат во македонскиот правен поредок. Искрено, лично не сум за тоа да се вметнува таков закон – рече Џафери во своето прво интервју од позиција на иден премиер.

    Калајџиев вели дека сè што е предвидено со овие измени е погрешно, почнувајќи од тоа што МНР и безбедносните служби ќе имаат одлучувачка моќ, бидејќи се предлага тие да бидат надлежни органи кои ќе доставуваат предлози за воведување на рестриктивни мерки.

    – Овие правни акти од странска држава прво директно никаде не се применуваат во трета држава, се мисли на црните листи, тие во суштина се една политичка одлука и тешко би можело било каква црна листа од една држава да има директни последици во друга, па макар и да се признае. Обврската за обвинителството да мора да поведе постапка е исто така спротивно на Уставот и на Законот за кривична постапка. ЈО треба да поведе постапка, да, но тогаш кога има докази – оцени Калајџиев.

    Тој оценува дека измените на овој закон имаат политичка цел, по бројните забелешки од јавноста дека домашните органи не преземаат ништо за лицата кои САД ги стави на нивната „црна листа“.

    – Многу е јасно, политички гледано е собирање на некои поени. Демек, еве сега ние сме сериозни, на сите овие критики ќе одговориме со некоја мерка која ќе биде оригинална и ќе даде резултати, ама на погрешна патека се. Би било фино кога би нашле некое решение, меѓутоа ова сигурно не е такво решение – рече Калајџиев.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img