Над 270 лица се уапсени на антивладините протести во Кенија вчера, соопшти локалната полиција. За време на протестите предводени од младите, се случи обемен грабеж и уништување на имот. Организаторите тврдат дека меѓу демонстрантите влегле насилници, пренесува француската новинска агенција АФП.
„Безбедносните сили ширум земјата идентификуваа и уапсија осомничени за кои беше откриено дека учествувале во криминални активности под маската на протести“, соопшти кениската полиција на мрежата X.
Според неа, 204 лица биле уапсени во главниот град Најроби, а уште 68 во други градови Уапсените наводно биле фатени на надзорните камери и видео снимки на интернет како го ограбуваат и уништуваат имотот на граѓаните. Организаторите на протестите тврдат дека меѓу демонстрантите навлегле насилници кои не се поврзани со протестите и кои се одговорни за гореспоменатите злосторства.
Демонстрациите во вторникот во Најроби почнаа мирно, но подоцна станаа насилни, поради што полицијата интервенираше со солзавец. Слично нешто се случи и во крајбрежниот град Момбаса, а протести го зафатија и третиот по големина град Кисуму на езерото Викторија, јавува британски Би-би-си.
Предводени од млади Кенијци, протестите започнаа на крајот на јуни и првично беа насочени против контроверзниот даночен закон, кој подоцна беше повлечен од претседателот Вилијам Руто. Сепак, демонстрациите продолжија и прераснаа во поширока кампања против Руто, кој демонстрантите го повикуваат да се повлече.
Меѓу другото, тој е обвинет и за одговорност за повеќе од 20 смртни случаи за време на немирите, кои Руто исто така ги потисна со испраќање на војската на улица. Нови протести се планирани за четврток и недела.