Достоинствена беше заклетвата на претседателката Гордана Сиљановска Давкова, очекував честитка од јужниот сосед за убедливиот триумф, но за жал, добивме политички мускули, изјави денеска претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и иден мандатар Христијан Мицкоски.
Мицкоски повика на добрососедски и пријателски односи со Грција и апелира да нема веќе закани, опструкции и враќање назад во минатото, туку двете страни да гледаат кон иднината. Рече и дека наскоро очекува средба со грчкиот премиер со кој би разговарал за економијата, туризмот, образованието,…
Според Мицкоски, ако Грција смета дека земјава го прекршила Преспанскиот договор, постои Меѓународен суд за правда.
Тој потсети и дека нашата држава во целост го има имплементирано Договорот, а кај јужниот сосед не се завршени ни основните три работи.
– Ако некој очекува од ВМРО-ДПМНЕ да ги повтори грешките од минатото, бидете сигурни дека тоа нема да го направиме. Немаме намера на нивните политички мускули да одговориме со преименување на автопатите и аеродромите или да градиме споменици. Не очекувам односите меѓу двете држави да се темелат на политички мускули, очекувам да имаме одлични меѓусоседски односи, ценам дека ВМРО-ДПМНЕ и тамошната влада предводена од Нова Демократија имаат свој став поврзан со Преспанскиот договор, бидејќи ниту на едните, ниту на другите ни се допаѓа тој договор – истакна Мицкоски.
За разлика од таму, нагласи, Преспанскиот договор тука е дел од македонските институции, од македонскиот Устав и законите.
– Многу пати во минатото сме кажале дека тоа е реалност. Комуникацијата во македонските инститиуции останува согласно Уставот и законите, но мое основно човеково право е како ќе ја нарекувам мојата држава. И додека давам изјави или се обраќам, и јас, а очекувам тоа да биде начин на однесување и на Сиљановска, да се користат термините Македонија и придавката „македонски“, бидејќи на тој начин, според нашето толкување на Преспанскиот договор, нема негово прекршување. Ја користам оваа прилика до нашите пријатели од Грција – да престанеме со закани, опструкции и враќање назад во минатото, да гледаме во иднината. Ова се документи кои се дел од правото. Ако тие мислат дека сме го прекршиле Преспанскиот договор, постои Меѓународен суд за правда, може да почнат процес па таму ќе ги вкрстиме и едните и другите аргументи. Не би сакал до тоа да дојде. Повикувам на добрососедски и пријателски односи – додаде Мицкоски.
Земјава само сака, дополни тој, да биде ратификуван Протоколот за економската соработка меѓу двете држави.
– Ги повикуваме грчките компании да инвестираат во Македонија, а и македонските во Грција. Повикувам на добрососедски и пријателски односи и да си помагаме – рече Мицкоски.