Клиниката за Инфективни болести во летниот период кубури со резерви од вакцината тетанус или серум, се пожалија граѓани, а недостигот го потврди и директорката на Клиниката, д-р Милена Стевановиќ.
Во последниве години зачестени се каснувањата од кучиња, покрај повредите што ги доживуваат граѓаните. Секој ден во полицискиот билтен има по неколку регистрирани каснувања од кучиња во целата земја. Во оваа Клиника за вакви вакцини се обраќаат пациенти од цело Скопје. Последиците, ако не се стави ваква вакцина на време, може да бидат и фатални за пациентот.
Скопјанецот Горан С. пред неколку дена работејќи дома се здобил со исеченица на левата рака, а по интервенцијата во дежурната служба при Универзитетската клиника „Мајка Тереза“ бил препратен до Клиниката за инфективни болести за да прими доза тетанус.
– Откако ми беше сошиена раната отидов до Инфективна да примам тетанус, но таму ми рекоа дека во моментот немаат ниту тетанус вакцина ниту серум. Оттаму ми порачаа да одам самиот да си купам во аптека и да дојдам за да ме боцнат, или пак да одам во некоја од приватните болници – вели скопјанецот за Плусинфо.
Игор С. од Скопје со својот случај потврдува дека ова не е прв пат да недостасува вакцината на Инфективната клиника. Тој минатото лето бил каснат од улично куче и кога дошол во клиниката по вакцина, бил вратен зашто немало тетанус ниту серум.
– Лани кога се враќав од работа, во Аеродром ме касна улично куче, бев на преврска во старата градска болница каде што ми ја преврзаа раната, но не ми ја шиеја, затоа што лекарите ми рекоа дека не е добро да се шие на место кое е гризнато од куче. Бев пратен во вечерните часови на Инфективна за да примам тетанус, но бев вратен од таму, а одговорот беше дека нема серум – сведочи Игор С.
На Клиниката за Инфективни болести речиси постојано во летниот период ја немаат оваа терапија која е неопходна за пациенти каснати од куче или со исекотини на телото. Ова за Плусинфо го потврди и директорката д-р Милена Стевановиќ.
– Клиниката редовно се снабдува со тетанус вакцина и со серум, но количините брзо се трошат бидејќи во летниот период имаме зголемен број пациенти кои имаат потреба од ваква терапија, а кај нас доаѓаат и од другите населени места. Овој недостиг е поради тоа што болницата „8 Септември“ на лето нема дежурна служба во инфективното одделение, па поради тоа пациентите се препраќаат кај нас – вели д-р Стевановиќ.
Според инфектолозите, во зависност од повредата, пациентот може да добие и вакцина и серум.
Дифтеријата, тетанусот и големата кашлица може да се спречат со една безбедна и ефикасна комбинирана вакцина. Вакцината содржи мало количество токсини на дифтерија и тетанус, кои се модифицирани за да бидат безопасни. Вакцината содржи пречистени делови на бактеријата што ја предизвикува големата кашлица, како и мали количества антибиотици и конзерванси. Вообичаено, децата се вакцинираат на возраст од 18 месеци со оваа вакцина.