Руските безбедносни сили ги претепале и ги мачеле четворицата терористи што го извршиле нападот на концертната сала во Москва. На социјалните мрежи протекоа вознемирувачки снимки кои, според Би-би-си, очигледно биле објавени од руските безбедносни сили. На снимките се гледаат брутални испрашувања. На едно видео се гледа како на еден од напаѓачите турнат на земја, во устата му го ставаат увото кое штотуку било отсечено, а Би-би-си јавува дека некои снимки сугерираат дека најмалку еден од напаѓачите доживеал струен удар.
Руските власти ги идентификуваа четворицата напаѓачи како Далерјон Мирзоев, Саидакрај Муродали Рачабализода, Шамсидин Фаридуни и Мухамедсобир Фајзов. Мажите се идентификувани како државјани на Таџикистан, објави руската државна новинска агенција Тас.
На сниките и фотографиите се гледа како маскирани полицајци ги носат уапсените пред Окружниот суд Басмани во руската престолнина.
Лицата идентификувани од судот како Мирзојев и Рачабализода имаа отоци и модринки на лицето, а едниот има завој над главата во пределот на увото. Се шпекулира дека станува збор за напаѓачот кому припадник на руската служба за безбедност по апсењето му го отсекол увото.
На видео објавено на социјалните мрежи се гледа како еден од осомничените лежи врзан на земја, а маж во маскирна униформа со нож му отсекува дел од увото и му го става во уста.
Војниците потоа го извлекуваат од шумата додека десната половина од лицето му е облеана во крв.
Покрај тоа, на Мирзојев околу вратот му е завиткана искината најлонска кеса, што навестува тортура со задушување, но и желба на руските власти да и покажат на јавноста дека ги мачеле напаѓачите кои го извршија смртоносниот напад на концертната сала.
Лицето на мажот идентификуван како Фаридуни беше тешко отечено, а човекот по име Фајзов, кој беше донесен на суд во инвалидска количка облечен во болничка наметка, ја губеше свеста. Се чини дека му недостасува едното око, според новинската агенција Ројтерс.
Во соопштението на судот се наведува дека Мирзојев „целосно ја признал вината“, а Рачабализода се наведува дека „ја признал вината“. Сите четворица ќе бидат во истражен притвор најмалку до 22 мај, додаваат од судот.
Четворица вооружени напаѓачи упаднаа во концертната сала Крокус во Красногорск, северно предградие на Москва, во петокот вечерта и отворија оган врз цивили кои присуствуваа на рок концерт. Во моментот на нападот во салата имало околу 6.000 луѓе. Напаѓачите подметнале и пожари кои ја зафатиле салата и предизвикале уривање на кровот.
Руските власти соопштија дека во нападот на Крокус загинале 137 лица, а повеќе од 100 се повредени. Терористите кои се појавија на суд синоќа се уапсени во областа Бријанск околу 2 часа по нападот, соопшти руската Федерална служба за безбедност (ФСБ). Брјанск е на околу 400 километри југозападно од Москва.