На ден пред настапувањето на Новата 2024 година, Охрид подготвен за новогодишните празници и најлудата ноќ. Градот е празнично украсен, централното градско подрачје и Кејот на езерото осветлени, угостителските и сместувачките објекти подготвени, а уште од вчера попладнето почнаа да пристигнуваат и гостите кои празничниот викенд ќе го минат тука.
Низ градот веќе се чувствува претпразничната раздвиженост, карактеристична за последните денови од годината. Хотелиерите и угостителите очекуваат одлична посетеност, со понуда од богато празнично мени и разновидна забава до раните утрински часови за сечиј вкус и возраст. Рестораните и кафулињата низ градот веќе се полни, а солидно беа посетени и изминатите денови со организираните предновогодишни забави на фирмите од градот и околината.
Голема разлика во новогодишната понуда споредбено со минатата година речиси нема, освен што оваа година цените на услугите се малку повисоки. За дочекот во некој од пореномираните ресторани гостите ќе треба да издвојат и по 70 евра, со понуда од свечено богато новогодишно мени и неограничен пијалок и музика во живо. Дел од угостителските објекти за највеселата ноќ ќе работаат без резервации со редовни цени на услугите и исполнетост согласно капацитетот.
Кога станува збор за хотелите, тие се солидно закупени, особено добра исполнетост има кај оние објекти со помал број легла кои се целосно распродадени. Интерес има и за приватните сместувачки капацитети, но тој е далеку помал споредбено со летната сезона, воглавно најмногу се издаваат апартманите во центарот на градот.
Најбројни и за овие новогодишни празници, барем според резервациите и веќе пристигнатите возила и автобуси што можат да се забележат низ градот се гостите од Србија, но и од Бугарија, Грција, Албанија, Црна Гора…Гости ќе има и од подалечни дестинации, од европските земји, но во помал број. Секако, нема да изостанат и голем број гости кои имаат свои станови и викенд-куќи во градот или во некои од туристичките населби на ривиерата.
Временските прилики, ведрото време и температурите далеку над просекот за овој период од годината се дополнителна можност гостите дел од времето меѓу забавите да ги минат во прошетки низ градот и на Кејот на Охридското Езеро.