Апелацискиот суд во Скопје дозволи повторно судење за осудениот Драган Даравелски, кој пред еден месец се врати во Македонија од бегство и беше уапсен и спроведен на отслужување на затворската казна од 7 години, досудена за финансиски злоупотреби додека беше директор на Царината.
Ваквата одлука на второстепениот суд доаѓа откако Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје се жалеше на одлуката на Кривичниот совет на Основниот кривичен суд Скопје, кој по добиено барање од адвокатот на Даравлески за повторување на кривичната постапка, на 3 февруари донесе решение со кое утврди дека барањето е основано и се дозволува повторување на кривичната постапка против обвинетиот Драган Даравелски. Решението уште денеска ќе биде доставено до странките и КПУ Идризово, велат од Основниот кривичен суд Скопје.
Судот ценел дека во меѓувреме настапила можност повторно да му се суди на Даравелски во негово присуство, а според и одредбата од чл. 424 ст.1 од ЗКП, судењето ќе се повтори ако осудениот или неговиот бранител поднесе барање за повторување на постапката во рок од една година од денот кога осудениот дознал за пресудата со која е осуден во отсуство.
Оттаму уште известуваат дека кривичната постапка против обвинетиот Драган Даравелски не е запрена, односно со конкретното решение се дозволува повторување на постапката и ќе биде оформен нов предмет кој ќе биде распределен на понатамошно постапување.
Даравелски беше осуден во отсуство на седум години казна затвор во 2007 година за „Злоупотреба на службената положба и овластувања” и тој се бараше со меѓународна потерница. Според пресудата, тој го оштетил државниот буџет за 2,5 милиони евра во периодот од 1999 до 2002 година. Министерството за права повеќе пати побара негова екстрадиција, откако тој пребегна во Србија. Даравелски беше уапсен во Белград во 2016 година по потерница од македонските власти, но тогаш српските власти не го екстрадираа, бидејќи имал српско државјанство. Тој беше уапсен на граничниот премин „Табановце” на 10 јануари годинава во обид да влезе во Македонија.