More

    На бизнисите им згорчи играњето шах со владата со минималната плата

    spot_img

    Не е во ред да се игра „шах – мат“ со бизнисите кои во време на две пандемиски години се соочуваат уште и со енергетска криза, да им се наметнува олку висока минимална плата, велат бизнисмени чии бизниси во време на пандемијата едвај успеаја да се одржат во живот.

    Тие додаваат дека ќе треба да затворат или да земаат кредити за да исплатат плати, но не се сигурни дека ќе можат да ги вртат. Според нив, крајно време е земјава да одлучи дали ќе има пазарна економија во која ќе владеат економските законитости и цената на трудот да се формира на пазарот или ќе се врати во друго време, но потребно е бизнисите да знаат што ги очекува.

    Најзагрозени и овој пат, според оценките на бизнисмените ќе биде хотелско-угостителската дејност која не работеше за време на пандемија, како и текстилната индустрија која работи лон производство и не може да ги менува цените на производите поради договорите со странските партнери и односите со конкуренцијата.

    – Каков апсурд ни се случи. Ние бараме помош од државата за да ги задржиме работниците иако немаме работа од која ќе обезбедиме пари за нормално функционирање и да исплатиме плати, а владата ни наметна повисока минимална плата. Ваква „шах-мат“ позиција пред сезона да му се наметнуваат повисоки плати на хотелиерството не му се случува прв пат, но време е да профункционира пазарната економија и кај платите – вели Крсто Блажески, претседател на хотелиерската асоцијација ХОТАМ.

    Според него, во услови кога немаме авиосообраќај, нема изградени автопатишта и хотелиерско-угостителската дејност не може да остварува приход и да дава повисоки плати.

    – Две години ги држиме работниците кои ништо не работат за да не останеме без нив кога ќе се отвори можноста за заработка. И оваа сезона е неизвесна, па кога работниците не работат, а ги држиме и плата од 10.000 е многу за бизнис кој не работи. Сега ќе бидеме принудени да земаме кредити за да исплатиме плата, а дали тој кредит ќе успееме да го вратиме не се знае бидејќи немаме можност да ги зголемиме нашите цени. Само со повисоки цени кои од кои 40 отсто ќе одат за плати се решение на состојбава, но тоа тешко дека ќе се случи – додава Блажески.

    Тој вели дека во дејноста ќе има затворање на хотели кои никогаш во иднина нема да се отворат, бидејќи сопствениците ќе бараат подобра бизнис клима за да работат некаде во странство.

    Поради лон-производството, отсуствата од работа, неповолниот курс на денарот и кризата со енергенсите и транспортот и текстилните компании ќе се најдат во неповолна финансиска положба со повисокиот минималец и потребата соодветно да се вреднува трудот на постручните категории на работници. Тоа, велат од текстилниот кластер ќе доведе не само да се отпуштаат работници туку и да се затвораат фирми.

    – Во текстилниот сектор има повеќе ограничувачки фактори кои ќе доведат до уште поевидентни проблеми од оние со претходното зголемување на минималната плата. Поради платите кои ќе бидат скоро изедначени со стручниот дел од работниците ќе имаме намалена продуктивност, бидејќи во сегашни услови текстилна фирма не може да плати 40.000 денари за шивачка, а во овој сектор имаме и голем број боледувања поради пандемијата кои се на товар на работодавачот (тие до 30 дена), месечно поради тоа имаме 20 до 30 отсто отсутни работници. При тоа освен што плаќаме боледување имаме дополнителни трошоци за да најдеме соодветна замена за работникот. И не само тоа, нашето производство е лон и странските партнери не дозволуваат зголемување на цената на производот надвор од договорот. Ако го побараме тоа ќе нè напуштат и ќе работат со поконкурентни во регионот и светот. Значи нема да можеме да посегнеме ни по зголемување на цената а производот за да заработиме за повисоките плати – вели Маријана Перковска од текстилниот кластер.

    Перковски вели дека дополнителен проблем се високите цени на енергенсите и транспортот, но и неповолниот курс на денарот.

    – Во овој период имаме дополнителни трошоци за енергенсите кои зафаќаат голем дел од трошоците. Дел од компаниите ќе се обидат да преживеат преку отпуштање на работници, кои многу тешко ги обезбедуваме бидејќи никој не сака да работи во текстилот, но ќе има и затворање на фирми. Мислам дека ќе биде потешко од претходното зголемување на минималната плата кога имаше и отпуштања и затворање на фирми – вели таа.

    Таа смета дека владата ќе мора да ги помогне извозните компании, преку некаков механизам кој ќе го анулира ефектот од фиксниот курс на денарот, но и со други мерки за да можат да останат на меѓународниот пазар.

    Во мелничко-пекарската индустрија каде што покрај енергетската криза проблем им се и замрзнатите цени на производите велат дека владата треба да обезбеди само поволни услови за работа, спроведување на законите и внимателна увозна политика, а платите самите тие ќе ги зголемат.

    – Ние немаме проблем со висината на минималната плата. Таа еве како раководител на мелница „Кадино“ предлагам да изнесува 500 евра, но имаме проблем со деловната клима и неекономските механизми кои се преземаат од страна на владата. Поради енергетската криза на пример имаме пад на производството од 60 отсто. Значи не се проблем платите тие ние самите ќе ги зголемиме, проблем е како да работиме за да можеме да вработуваме и да исплаќаме плата – вели Тодор Ѓоргиевски од мелницата „Кадино“.

    Предлог измените на Законот за минимална плата на комисиска расправа во Собранието. Денеска за него расправа комисијата за труд и социјална политика. Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ поднесе амандман со кој покрај зголемувањето на минималната плата се бара и усогласување на другите плати.

    – Со овој амандман бараме износот на коефициентите и вредноста на бодовите на колективните договори на сите нивоа и во сите области во јавниот сектор да биде усогласен со порастот на минималната плата т.е. нивно скалесто зголемување во однос на минималната плата – рече на прес-конференција денеска Жаклина Пешевска од ВМРО-ДПМНЕ.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img