Бројот на жители на планетата во текот на оваа година се зголемил за 75 милиони, а на Нова година ќе има повеќе од осум милијарди луѓе во светот, покажуваат денеска објавените податоци на американското Биро за цензус.
Стапката на демографски раст во светот минатата година беше нешто под еден процент.
На почетокот на 2024 година се очекува секоја секунда во светот да има 4,3 раѓања и два смртни случаи, покажуваат податоците на Бирото.
Стапката на раст на населението во САД оваа година беше 0,53%. Во САД бројот на жители е зголемен за 1,7 милиони, а на првиот ден од Новата година, САД ќе имаат 335,8 милиони жители.
-Ако сегашната стапка на раст на населението во САД продолжи со тоа темпо до крајот на деценијата, 2020-тите би можеле да бидат деценија со најбавен раст на населението во историјата на САД, со стапка на раст од помалку од 4% во текот на 10-годишниот период од 2020 година до 2030 година – рече Вилијам Фреј демограф во Институтот Брукингс.
Деценијата со најбавен раст на населението во САД досега беше по Големата депресија во 1930-тите кога стапката беше 7,3%.