Насилството избувна денеска на неколку избирачки места во Грузија, додека граѓаните гласаа на изборите кои се сметаат за клучни во таа јужнокавкаска земја, бидејќи тие може да ја одредат судбината и курсот на земјата – кон интеграција со Западот или свртување кон Русија.
Владејачката партија Грузиски сон, која направи остар авторитарен пресврт во последниве години и го запре напредокот на земјата кон потенцијално членство во Европската унија, се кандидира за реизбор, со четири прозападни опозициски блока пред неа.
Активистите и групите набљудувачи споделија снимки на социјалните мрежи за кои велат дека се вметнати гласачки ливчиња на избирачко место во Марнеули, јужна Грузија, јавува Си-Ен-Ен.
Друго видео покажува човек, идентификуван во локалните медиуми како Азад Каримов – шеф на регионалната организација на опозициската партија Обединето национално движење (УНМ) – како е нападнат од неколку мажи пред гласачкото место 69 во Марнеули. На фотографиите Каримов е со крвав нос и расекотини на лицето.
– Не тепаа, плукаа, не пцуеја – изјави Гела Мтивлишвили, еден од набљудувачите на избирачкото место Ахмет во источна Грузија, пренесува Политико.
– Претходно на друго избирачко место бевме сведоци како координаторот на партијата Грузиски сон дава пари на гласач – рече таа.
Новинари и активисти пријавија случаи на физички пресметки на избирачките места со групи кои опозициските политичари ги нарекоа „криминални банди“.
Право на глас имаат околу 3,5 милиони гласачи, а за влез во парламентот со 150 пратенички места потребно е да се помине изборниот праг од пет проценти.
– Ова е денот кој ќе ја одреди иднината на Грузија – изјави претседателот на земјата, Саломе Зурабишвили, по гласањето, пренесе Ројтерс.
Претседателката на Грузија, подоцна ги осуди „длабоко вознемирувачките“ акти на насилство на денешните парламентарни избори, кои се сметаат за одлучувачки за европската иднина на земјата, јавија светските агенции.
– Сакам да ги истакнам длабоко вознемирувачките случаи на насилство што се случуваат во различни изборни единици – рече таа во пораката објавена на социјалните мрежи.
Главни конкуренти на изборите се владејачката партија Грузиски сон, која се залага за зачувување на односите со Русија и се противи на антируските санкции, додека од друга страна има четири главни блока кои ја собираат прозападната опозиција.
Градоначалникот на Тбилиси и генералниот секретар на владејачката партија Каха Каладзе претходно изјавија за новинарите дека претставниците на опозицијата се обидуваат да предизвикаат тензии на избирачките места.
Грузија, која изгуби делови од својата територија од сепаратистите поддржани од Русија во 1990-тите и беше поразена во кратката руска инвазија во 2008 година, со децении беше една од најпрозападните држави што излезе од Советскиот Сојуз.
По руската инвазија на Украина во 2022 година, партијата Грузиски сон решително ја врати земјата во орбитата на Москва, обвинувајќи го Западот дека се обидува да ја намами во војна. Опозицијата таа промена ја нарекува предавство на европската иднина на Грузија.
Европската унија ѝ додели на Грузија кандидатски статус минатата година, но ја суспендираше апликацијата на земјата поради падот на демократијата под владеењето на патријата Грузиски сон.