More

    Нѐ очекува нестабилно лето со грмежи и со локални непогоди

    spot_img

    Многумина се прашуваат дали времето ќе се стабилизира и дали конечно ќе имаме вистинско лето. Најновото ажурирање на долгорочните прогнози за летото 2023 година покажува интересни трендови со повторно воспоставување на феноменот Ел Нињо, со појава на атмосферско блокирање под влијание на висок атмосферски притисок над Европа.

    На што се должи невообичаената временска слика во Југоисточна Европа, дали наликува на монсун и какво лето да очекуваме годинава?

    За овие прашања преку научна студија се осврнаа д-р Владо Спиридонов, редовен професор на Природно-математичкиот факултет и поранешен визитинг професор по метеорологија на Универзитетот во Виена и од д-р Млаѓен Ќуриќ, професор на Физичкиот факултет при Универзитетот во Белград, Србија. Нивната анализа накусо покажува дека нѐ очекува нестабилно лето.

    – Ова со други зборови значи дека овој воспоставен шаблон на циркулација постепено ќе слабее како резултат на намалување на температурните разлики и воздушниот притисок над Североатлантскиот Океан и европскиот континент. Едновремено, баричкиот гребен на Азорскиот центар со висок притисок (динамичко потекло) постепено ќе се шири над Централна и над Јужна Европа, прекинувајќи го врнежливиот период во овие области – објаснуваат професорите.

     
    Проф. Владо Спиридонов (лево) и проф. Млаѓен Ќуриќ (десно)

    Но, какви се проценките во однос на развојот на ваквата временска слика за претстојното лето?

    Сезонските прогнози се фокусираат на системите за притисок од големи размери и позиционирање на млазната струја.

    – Над северната хемисфера, оваа летна сезона ќе биде преоден период помеѓу феноменот Ла Ниња и Ел Нињо, кој сега се појавува со растечко атмосферско влијание. За проценка на сезонските изгледи за претстојното лето, ги анализираме трендовите од двата најкористени сезонски системи за прогнозирање – ECMWF од Европа и CFSv2 од NOAA во САД. Долгорочната прогноза на водечкиот Европски центар за среднорочна прогноза на времето ECMWF, покажува температурни аномалии на океанот во текот на летото. Изразен појас на позитивни отстапувања на температурата се протега низ тропскиот Пацифик. Доколку прогнозата се потврди, ова би бил силен Ел Нињо настан со важно глобално временско влијание. Дополнително, прогнозата на шемата за притисок од ECMWF покажува област со висок притисок над источна Канада и Гренланд и низок притисок под него, опфаќајќи ги Атлантикот и Соединетите држави. Ова ќе ја засили суптропската млазна струја – објаснуваат професорите.

    Можни ли се монсуни во Европа и во Македонија?

    Во Источна Европа вообичаено се случува период со врнежи во текот на мај и во првата половина од јуни, речиси секоја година. Овој феномен е познат кај нас како „мајски дождови“. Метеоролошката статистика покажува дека мај спаѓа во најврнежливите месеци. Овој феномен претставува европски сингуларитет, тоа е всушност метеоролошки феномен кој се појавува скоро секоја година во иста област и во приближно во исто време.

    Овој феномен упатува на постоење на европски монсун. Метеоролозите конвенцијално под поимот „монсун“ подразбираат сезонски преовладувачки ветер придружен со промени во режимот на врнежи. Овој термин се користи и за да се опишат сезонските промени во атмосферската циркулација и врнежите. Познато е дека главните монсунски системи на планетата се Азиско-австралискиот и Западно-африканскиот монсун. Хидролозите сметаат дека монсунските дождови во основа настануваат во секој регион кој добива најмногу врнежи во текот на карактеристична сезона. Оваа дефиниција дозволува и останатите региони од светот да квалификуваат дека имаат монсуни (на пр. Северна Америка и Јужна Америка). Индискиот монсун е најпознат од овие временски системи.

    Температурниот градиент, предизвикан од разликите во загревањето и ладењето на европскиот континент и Североатлантскиот Океан е ориентиран зонално и неговото појавување се поврзува со зоналното браново струење во средната географска ширинска зона, во која припаѓа и Македонија. Температурниот градиент кој се јавува како резултат на разликите во загревањето и ладењето на Индискиот континент и Индискиот Океан е ориентиран меридионално. Појавата на монсунот е поврзана со интертропската зона на конвергенција, која го следи движењето на сонцето околу неговиот зенит.

    Како настанува европскиот монсун?

    Во април и во мај, европскиот континент брзо се загрева. Во исто време површината на Североатлантскиот Океан многу побавно се загрева. Ова се случува како резултат на различните топлотни капацитети на водата, копното и воздухот. Оттаму се разликите во температурите помеѓу воздушните маси над континенталниот дел и над океанот. Кога овие разлики ќе достигнат критично ниво, релативно поладната и повлажна воздушна маса од Североатлантскиот Океан се поместува кон европскиот континент.

    Овој феномен во една подолга временска дистанца од страна на метеоролозите се дефинира како Западни ветрови или Средноширински западни ветрови. После пообилен продор на поладната и влажна воздушна маса над европскиот континент, температурните разлики помеѓу океанот и копното се намалуваат, додека едновремено Азорскиот центар со висок притисок не се прошири над централна и јужна Европа, прекинувајќи ја врнежливата сезона во овие области.Пролетното загревање на европскиот континент е проследено со зонална циркулација над Европа.

    Спротивно, како резултат на интензивното ладење на европскиот континент на крајот на декември и температурните разлики помеѓу континентот и Североатлантскиот Океан и достигнувањето на критично ниво, следува влијание на Сибирскиот Антициклон (термичко потекло) над централна и јужна Европа или со развој на центар со висок притисок над Скандинавија. Овие промени ја блокираат зоналната циркулација (ова се случи во текот на зимата и раната пролет) и формираат лонгитудинална (меридионална) циркулација над европскиот континент.

    Зошто толку променлив, нестабилен и влажен мај?

    Променливите временски услови во текот на целиот месец мај, пред сѐ, се должат на  атмосферската циркулација во големи размери над Европа, предизвикана од термичките разлики помеѓу континентот и Североатлантскиот Океан. При овие термодинамички и климатски услови се воспоставува специфичен шаблон на циркулација кој во голема мера наликува на постоење на Европски монсун, повремено и сo развој на облаци кои наликуваат на оние во тропските предели.

    Но сепак Индискиот монсун како резултат на хомогеноста на регионот е далеку поинтензивен за разлика од Европскиот. Како резултат на климатските промени и глобалното затоплување приземниот слој на атмосферата содржи поголема количество водена пареа, или воздухот може да задржи повеќе влага. Релативно брзото загревање на копното во текот на месецот и постоењето вишок водена пареа претставуваат поволни услови за развој на конвекција (вертикален транспорт на топлина и влага во атмосферата). Бидејќи водената пареа се крева, притисокот во приземјето се намалува во еден широк појас над копното во југоисточна Европа.  Спротивно, над Североатлантскиот Океан се формира поле на висок притисок, со сила на градиентот на притисокот од висок кон низок, кој условува специфичен шаблон на циркулација и зонално струење со пренос на поладен и влажен воздух од океанот кон европскиот континент.

    На овој начин се создаваат термодинамички услови поволни за развој на грмотевични облаци. Од овие причини во Југоисточна Европа во еден подолг временски период во мај (и во почетокот на јуни) секојдневно атмосферата е нестабилна со чести врнежи и грмежи. Во Македонија, како планинска земја, орографијата и диференцијалното загревање дополнително влијаат на интензивирање на процесите, кои локално се манифестираат во форма на временска непогода.

    Кон крајот на јуни ќе се смири Европскиот монсун?

    Според деталната анализа, може да се резимира дека во втората половина на јуни се очекува постепено слабеење на овој карактеристичен временски шаблон на циркулација (т.н. Европски монсун), кој егзистира веќе неколку недели во регионот.

    Сезонските модели се единствени во проценката за сосема благо позитивно температурно отстапување во Европа, за периодот јуни-август 2023, во однос на нормалниот климатски период. Ова значи дека во текот на летниот циклус ќе има периоди со топло време, малку потопло и повлажно од просечното. Не се исклучува и веројатноста да има и периодични температурни осцилации (пикови) со појава на екстремна топлина и појава на топлотни бранови, посебно во урбаните средини.

    Но сепак ако се остварат проценките на сезонските модели, може да се очекува повлажно и понестабилно лето во Македонија, со развој на поинтензивни грмотевични облаци. Во услови на загреан приземен слој на атмосферата, комплексна топографија, присуство на влага, атмосферата во одделни делови во летниот циклус може изразено да се дестабилизира и да се манифестира во форма на локална временска непогода со големи деструктивни влијанија и ризици за луѓето и за инфраструктурата.

     

    (Околу Европскииот mонсун, термодинамичките својства и климатски карактеристики подетални информации може да се најдат во научниот труд на еминентните професори од Белградскиот Универзитет, д-р Ѓуро Радиновиќ и д-р Младен Ќуриќ, објавен во реномираното списание „Theoretical and Applied Climatology“, 2012 год.)

     

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img