Денеска (28.02.2024) во 06.00 во село Дамјан, радовишко, полициски службеници од Одделението за внатрешни работи Радовиш го лишиле од слобода А.П.(37) од село Дамјан. Тој бил баран по централна потерница врз основа на наредба од Казнено – поправната установа Затвор Куманово поради бегство од установата. А.П. бил осуден на казна затвор од осум години и два месеци за сторени кривични дела по член 236 и член 215 од Кривичниот законик, а имал за доиздржување 10 месеци од казната. Лицето ќе биде спроведено во Казнено – поправната установа Затвор Куманово за доиздржување на казната.
На 27.02.2024 во 21.00 часот во Тетово, полициски службеници од Отсекот за недозволена трговија со дрога и оружје при СВР Тетово и од Полициската станица Тетово го лишиле од слобода Х.И.(49) од Тетово. При претрес во неговиот дом, извршен со судска наредба, биле пронајдени и одземени хероин, дигитална вага и други предмети со остатоци од хероин. Лицето било задржано во полициска станица и по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
Вчера (27 февруари) во 12.55 часот, полициски службеници на СВР Тетово ја лишиле од слобода 42-годишната тетовка П.С.. Таа била затекната при обид да изврши кражба на паричник на 54-годишна тетовка во една од собите на тетовската Клиничка болница. П.С. била задржана во Полициската станица Тетово за целосно расчистување и документирање на случајот, по што против неа ќе биде поднесена соодветна пријава.
Полициски службеници на СВР Тетово, вчеравечер (27 февруари) околу 22.50 часот на локалниот пат за тетовско Камењане го лишиле од слобода 21-годишниот М.Р. од гостиварско Чегране. При негов и преглед на патничко возило „ауди“ со гостиварски регистарски ознаки, кое го управувал, била пронајдена марихуана. Тој е задржан во Полициската станица Тетово и по целосно документирање на случајот ќе му биде изготвен соодветен поднесок.
Во текот на вчерашниот ден (27.02.2024) Министерството за внатрешни работи спроведе акциска контрола на територијата на Република Северна Македонија за санкционирање на возила кои се движат со брзина поголема од дозволената, при што санкционирани се 180 возачи. Од нив 17 возила се движеле со брзина над 50 километри на час повеќе од дозволеното, а едно возило се движело со дури над 70 километри на час повеќе од дозволената брзина. Притоа, 73 возила ја пречекориле брзината во населено место, а 107 надвор од населено место.
Во текот на вчерашниот ден (27.02.2024) во периодот од 07.00 до 12.00 часот Министерството за внатрешни работи спроведе сообраќајна контрола за санкционирање на возила кои не даваат првенство на минување на крстосница на територијата на Република Северна Македонија, при што санкционирани се 47 возачи. Од нив, 14 на територијата на СВР Тетово, по седум на територија на СВР Битола и СВР Велес… При контролата санкционирани се и 126 други видови на сообраќајни прекршоци.
Денеска (28.02.2024) во 06.48 часот во ОВР Кавадарци било пријавено дека на регионалниот пат Кавадарци – Росоман, во близина на село Манастирец, се случила сообраќајна несреќа помеѓу патичко возило „фиат пунто“ со неготински регистарски ознаки, управувано од Д.К.(53) од Росоман и патничко возило „пежо“ со кавадаречки регистарски ознаки, управувано од И.Д.(23) од Росоман. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил возачот Д.К. и С.П.(21) од Росоман, сопатник во возилото „пежо“, додека со телесни повреди се здобил возачот И.Д., констатирани во болницата во Кавадарци. Увид на местото извршила екипа од ОВР Кавадарци.
На 27.02 2024 во 10.00 часот во Полициската станица Прилеп било пријавено дека на ул.„Пчиња“ во Прилеп, патничко возило „цитроен”, управувано од Б.П.(56) од Прилеп, удрил во пешакот С.К.(75) од Прилеп. Во несреќата, С.К. се здобила со тешки телесни повреди констатирани во Градска болница Прилеп. Увид на местото извршила увидна екипа на ОВР Прилеп.
На 27.02.2024 во 18.25 часот во Полициската станица Аеродром, Д.С.(75) од Скопје пријавила дека на ул.„Владимир Комаров“ била касната од куче.
На 27.02.2024 во 16.15 часот во Полициската станица Карпош, Р.П.(21) од Скопје пријавила дека на бул.„Митрополит Теодосиј Гологанов“ била касната од куче скитник.