На 23.07.2023 во 13.50 часот на влезот од с.Четирце, кумановско, полициски службеници од Полициската станица за граничен надзор Сопот при Регионалниот центар за гранични работи Север го лишиле од слобода Б.З.(26) од Скопје. Тој бил затекнат како со патничко возило „фолксваген пасат“ со скопски регистарски ознаки, врши превоз на шест лица мигранти од Сирија, од кои еден малолетник. Мигрантите биле сместени во Прифатно – транзитен центар Табановце, а Б.З. бил задржан во полициска станица. По целосно документирање на случајот, во координација со јавен обвинител против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
На 23.07.2023 во 15.42 часот во СВР Битола, Н.А.(33) од САД пријавила дека таа, нејзиниот сопруг Л.Ц.(33) и нејзиниот брат J.A.(30), сите државјани на САД, се изгубиле во Националниот парк Галичица. Според пријавеното, тие тргнале да планинарат кон врвот Галичица, при што се разделиле и по кратко време се изгубиле. Веднаш по пријавата, полициски службеници од СВР Битола – ОВР Ресен, во содејство со спасувачката служба на Црвен крст од Охрид извршија пребарување на теренот, при што во 17.30 часот биле пронајдени, а подоцна биле спуштени на патеката што води кон село Лескоец, каде што биле прифатени и со возило од Националниот парк Галичица биле транспортирани до асфалтниот пат Царина-Трпејца. Притоа, тие биле прегледани од екипа на Итната медицинска помош Ресен и било констатирано дека се во добра здравствена состојба, по што заминале во сместувачкиот објект во Охрид.
На 23.07.2023 на ул.„Боримечка“ во Битола, полициски службеници од СВР Битола го лишиле од слобода А.Ф.(32) од с.Канатларци, прилепско. Тој бил баран по потерница врз основа на наредба од Казнено – поправна установа Затвор Прилеп поради бегство од установата . Лицето било спроведено во установата за доиздржување на казната.
На 24.07.2023 во 00.05 часот, полициски службеници од СВР Велес го лишиле од слобода Ј.Д.(18) од Велес, затоа што кај него била пронајдена и одземена марихуана. Лицето било приведено во полициска станица и по целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.
На 23.07.2023 во 23.10 часот, полициски службеници од СВР Велес го лишиле од слобода С.С.(22) од Радовиш, затоа што кај него била пронајдена и одземена марихуана. Лицето било приведено во полициска станица и по целосно документирање на настанот ќе следува соодветен поднесок.
На 23.07.2023 во 17.10 часот во автокамп на брегот на Охридското Езеро, полициски службеници од СВР Охрид ги лишиле од слобода А.Д.(33) и К.С.(26), двајцата од Дебар, затоа што при преглед во возилото во кое се превезувале биле пронајдени и одземени марихуана, шприц со остатоци од црна течна материја и метален грендер со остатоци од марихуана. По целосно документирање на случајот, против нив ќе биде поднесена соодветна пријава.
На 24.07.2023 во 02.00 часот, полициски службеници од ОВР Струга го привеле А.А.(44) од Скопје, затоа што кај него биле пронајдени и одземени нож и дробилка со остатоци од марихуана. По целосно документирање на случајот, против него ќе биде поднесен соодветен поднесок.
Во текот на вчерашниот ден (23.07.2023) Министерството за внатрешни работи спроведе засилена акциска контрола на територијата на Република Северна Македонија за санкционирање на возила кои се движат со брзина поголема од дозволената, при што санкционирани се 304 возачи. Од нив 19 возила се движеле со брзина над 50 километри на час повеќе од дозволеното, а едно возило се движело со дури над 70 километри на час повеќе од дозволената брзина. Притоа, 145 возила ја пречекориле брзината во населено место, а 159 надвор од населено место.
Секторот за внатрешни работи Скопје во текот на вчерашниот ден (23.07.2023) продолжи со контролите во областа на сообраќајот. На територија на град Скопје изречени се вкупно 169 мерки, меѓу кои за возење повеќе од дозволената брзина 82 санкции, 18 мерки за возење без возачка дозвола, 25 санкции за возење под дејство на алкохол. Изречени се шест мерки за минување на затворен сигнал (црвено светло), шест санкции за возач почетник…
На 23.07.2023 во периодот од 10.00 до 15.00 часот, полициски службеници од СВР Тетово спровеле контрола за санкционирање на возачи кои вршат неправилно престигнување. Притоа, биле констатирани вкупно 32 прекршоци (ТЕ-16 и ГВ-16), а на сите возачи – прекршители им биле изготвени соодветни поднесоци.
На 23.07.2023 на подрачјето на СВР Штип била спроведена акциска контрола на возачи кои управуваат возила со брзина поголема од пропишаната. За време на контролата биле констатирани 19 прекршоци, од кои 17 надвор од населено место и 2 во населено место. Истиот ден, во периодот од 00.00 до 05.00 часот била спроведена акциска контрола на возачи кои управуваат возила под дејство на алкохол. Притоа биле санкционирани 20 прекршоци. Санкционирани биле и 27 други видови на прекршоци, од кои 10 за управување возило без возачка дозвола, 7 за нерегистрирано возило, 2 за возач почетник, 6 за некористење сигурносен појас и 2 за непрописно паркирање.
Денеска (24.07.2023) во 05.08 часот во СВР Битола било пријавено дека на патот Прилеп–Ресен, од крстосница за с.Кукуречани до место викано „Билбил Камен“, се случила сообраќајна несреќа помеѓу товарно возило „сканиа“ со прилколка со штипски регистарски ознаки, управувано од Б.М.(44) и патничко возило „опел корса“ со битолски регистарски ознаки. При несреќата, патничкото возило се запалило, а телото на возачот било опожарено. Увид извршила екипа од СВР Битола.
На 23.07.2023 во 12.40 часот во СВР Скопје било пријавено дека на ул.„Џон Кенеди“ во Скопје, товарно возило „форд“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Д.К.(30) од Косово, со живеалиште во Скопје, удрило во тротинет, управуван од Џ.А.(34) од Скопје. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил возачот на тротинет, констатирани во Градската општа болница „Св.Наум Охридски“. Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Скопје.
На 23.07.2023 во 10.20 часот во Полициската станица Гевгелија било пријавено дека на ул.„7 Ноември“ во Гевгелија се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко моторно возило „голф“ со прилепски регистарски ознаки, управувано од К.Т.(30) од с.Прдејци, гевгелиско и мотоцикл без регистарски ознаки, управуван од В.А.(60) од Гевгелија. Во незгодата со тешки телесни повреди се здобил мотоциклистот, констатирани во Комплекс клиники „Мајка Тереза“ во Скопје. Извршен бил увид од увидна екипа од Полициската станица Гевгелија.
На 23.07.2023 во 04.10 часот во СВР Струмица било пријавено дека на регионалниот пат во близина на с.Раброво, валандовско, се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „фолксваген голф“, управувано од И.К.(61) од Струмица, патничко возило „цитроен“, управувано од Г.А.(35) од Струмица, двете со струмички регистарски ознаки и трактор „ИМТ“ со гевгелиски регистарски ознаки, управуван од Т.Ш.(74) од Валандово. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил возачот на тракторот, додека возачот на возилото „цитроен“ и шест сопатници од истото возило, како и сопатник од тракторот Д.Н.(56) се здобиле со телесни повреди, констатирани во Медицински центар Струмица и Здравствен дом Валандово. Извршен бил увид од увидна екипа од Полициската станица Валандово.
На 23.07.2023 во 16.00 часот во ОВР Гостивар, 44-годишната Х.Н. од Гостивар пријавила дека во гостиварско Дебреше била касната од куче скитник.
На 24.07.2023 во 00.30 часот во СВР Тетово, Б.К.(57) од Тетово пријавил дека на улица „Иво Лола Рибар“ во Тетово бил каснат од куче скитник.