Рома на Жозе Мурињо имаше прилично лош почеток на сезоната. По шест натпревари во Серија А имаат една победа, две нерешени и три порази или пет бода.
Не им помага премногу тоа што постигнаа дури 13 гола, бидејќи не ги распределија најдобро (Емполи победи 7:0), а примија дури 11.
Тоа е најлошиот старт за Рома во историјата, односно никогаш немале пет или помалку бодови по шест кола. Тоа е и најлошиот првенствен старт на Мурињо во кариерата, со кој мораше да се соочи пред медиумите по вчерашниот пораз од Џенова со 4:1.
„Не сме добри во одбраната, се чини дека секој удар во нашиот шеснаесетник завршува внатре. Не го вперувам прстот кон голманот Руи Патричи, туку кон сценариото низ кое поминуваме. Овие работи ни се случуваат на секој натпревар, но ова е нашата моментална реалност. Јас тоа го чувствувам на клупата, но и играчите на теренот“, изјави Мурињо.
Но, по еден вид посипување со пепел, ако може така да се нарече, следеше дел во вистински стил на Мурињо.
„Ова е и мојот најлош почеток на една сезона во историјата. Сепак, мислам дека Рома никогаш досега не играла две европски финалиња по ред“, изјави веднаш во своја одбрана.
Да потсетиме, Мурињо ја освои Конференциската лига во 2022 година, додека лани беше поразен во финалето на Лига Европа од Севиља, по лошо изведување на ударите од пенали. Мурињо не го прифати тоа како пораз, а на секое спомнување на тој меч наведува дека им бил ускратен пенал во судиското продолжение.