Лидерот на Алијансата за Албанците, Зијадин Села, во вчерашното гостување на дебатната емисија „Само вистина“ предложи дека Македонија треба да добие нова државна химна, создадена преку взаемно разбирање и дијалог.
– Државната химна треба да се промени со согласност од сите, за да ја одразува мултиетничноста на државата – изјави Села во дебатата со градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски.
Во однос на Законот за употреба на јазиците, кој е предмет на разгледување од Уставниот суд, Села истакна дека таквите постапки ги нарушуваат правата на Албанците и го загрозуваат соживотот во земјата.
– Не треба да преземаме еднострани акции за укинување на права. Таквиот пристап не води напред, туку нè враќа назад – додаде тој, повикувајќи на поголем напор за градење иднина базирана на меѓусебно почитување.
Во одговор на тврдењето на лидерот на ЗНАМ, Максим Димитриевски, дека младите Албанци во Македонија слабо го познаваат македонскиот јазик, Села се оправда: „Еве, во оваа емисија зборувам на македонски за да ме разберат сите“.
Тој му рече на Димитриевски, дека иако е градоначалник на Куманово, каде што живеат голем број на Албанци, не знае да склопи реченица на албански јазик. Димитриевски, познат по својот стил, одговори со зборување на албански, истакнувајќи ја важноста на двонасочното разбирање и интеграцијата.