Илјадници мртви риби Brevoortia-patronus се измиле на плажа во Мексиканскиот залив во Тексас во петокот наутро.
Окружниот парк Квинтана Бич соопшти дека мртвите риби биле пронајдени на крајот од плажата Брајан во близина на реката Бразос, на околу 10 милји подолу од брегот од паркот Квинтана. Плажата ќе биде затворена, а се препорачува сите да избегнуваат да влегуваат во вода додека не се отстранат мртвите риби, пренесува Дневник.хр.
Претставниците на паркот ја наведуваат топлата вода од вообичаеното како главна причина за изумирањето на рибата, која не може да собере толку кислород колку ладната вода. Кога температурата на водата ќе се искачи над 21 степен, станува тешко за оваа риба да добие доволно количество кислород што и е потребно за да преживее, објасни во објава на Фејсбук округот Квинтана Бич.
„Често пред да настапи смртта, може да се видат риби како се обидуваат да стигнат до кислород на површината на водата рано наутро“, објавија тие, истакнувајќи дека во водата немало хемикалии кои би предизвикале умирање на рибата.
Намалувањето на кислородот беше под влијание и на облачното време, кое ги блокираше микроскопските фитопланктон и микроалгите од фотосинтезата.
Плитките води се загреваат побрзо и ако рибите се заглавени таму, настанува хипоксија, состојба во која нивото на кислород не е доволно за одржување на хомеостазата. Во такви ситуации, рибата ќе почне да се однесува непредвидливо, што дополнително ќе го намали нивото на кислород.
Процесот на отстранување на рибите започна, но плимата ќе треба дополнително да се повлече за да се отстранат сите риби, објави Fox News.