Помошта за Украина може да биде намалена и условена со преговори со Русија, НАТО ќе биде на штрек, Иран може да биде под санкции, а Кина ја очекуваат големи тарифи и трговска војна со САД. Ова се дел од работите кои би можел да ги промени новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп во својот нов мандат според дописникот на Би-Би-Си од Стејт департментот кој ги следеше изборите во САД.
Том Бејтман ги споредува изборите и најавите на Трамп во кампањата со неговите политики додека беше претседател од 2017 до 2021 година. Тој вели дека Трамп може радикално да го промени кормилото на надворешната политика на САД и тоа би била една од најголемите пресвртници во последните години додека светот се соочува со неколку војни и кризи.
Воздржувањето од интервенционирзам и војни од една страна и тровскиот протекционизам, односно трговските војни биле најчестите ветувања на Трамп во предизборието.
Условена помош за Украина, војна и преговори рака под рака?
Дали Трамп навистина може да ја заврши војната во Украина за 24 часа како што повеќепати изјави? Тој исто така постојано тврди дека негов приоритет е да се запре трошењето на американските ресурси.
Во истражувачка студија напишана од двајца поранешни функционери за национална безбедност на Трамп во мај оваа година, беше наведено дека САД треба да продолжат да испраќаат оружје во Украина, но таа поддршка да ја условат со влез на Киев во мировни преговори со Русија. За да ја заинтересира Русија, Западот ќе вети дека ќе го одложи влезот на Украина во НАТО.
Поранешните советници рекоа дека Украина не треба да се откаже од надежта дека ќе ја врати целата своја територија под руска окупација, туку да преговара врз основа на сегашните линии на фронтот.
Не е познато до кој степен студијата на овие поранешни советници ги претставува личните ставови на Трамп, но многу е веројатно дека може да даде насоки за тоа какви совети тој ќе добие од нив.
НАТО ќе биде на штрек, ќе се преговара за парите?
Не е јасно дали се блеф изјавите на Трамп дека на крајот ќе ги повлече САД од НАТО. Таквиот чекор би бил најзначајна промена во трансатлантските одбранбени односи во речиси 100 години. Некои од неговите сојузници сугерираат неговиот цврст став е само преговарачка тактика за да ги принуди земјите-членки да ги исполнат насоките за трошоците за одбраната на кои се обврзале.
Пристапот на Трамп кон НАТО се темели на принципот „сите за еден, еден за сите“, првично воспоставен по Втората Светска војна со цел да биде бедем на одбрана против Советскиот Сојуз. Тој ја обвини Европа дека „слободно се вози на американската заштита“.
Едно е сигурно. Лидерите на НАТО ќе бидат загрижени за тоа што значи неговата победа.
Трамп, сепак, е силен поддржувач на Нетанјаху
Мирот што го ветува Трамп на Блискиот Исток може да биде засенет со неговата поддршка за Израел. Тој ќе мора да одлучи дали ќе прекинат долгите преговои за ослободување на заложниците и прекин на огнот кои ги започна неговиот претходик Џо Бајден.
Во претходниот мандат Трамп водеше енергична про-израелска политика, назначувајќи го Ерусалим за главен град на Израел и ја премести американската амбасада таму од Тел Авив, што ги налути Палестинците.
Палестинците беа дополнително изолирани кога Трамп посредуваше во таканаречениот „Абрахамски договор“, историски договор за нормализирање на дипломатските врски меѓу Израел и неколку арапски и муслимански земји. Договорот не го принуди Израел на решение за две држави, додека арапските земји за возврат добија пристап до најсовременото американско оружје.
Аналитичарот Бејтман вели дека Трамп ќе се обиде да се врати на неговата претходна политика на максимален притисок врз Иран. Во минатиот мандат тој ги повлече САД од иранскиот нуклеарен договор, воведе построги санкции кон Техеран и го уби генералот Касем Сулејмани, најмоќниот воен командант на Иран.
Трговската војна ќе биде доволна да ја оттргне Кина од Тајван?
Трамп во октомври рече дека ако се врати во Белата куќа нема да мора да користи воена сила за да ја спречи кинеската блокада на Тајван бидејќи претседателот Си добро знае дека е „апсолутно луд“ и дека ќе воведе исклучително штетни царини за за увоз на кинеските стоки во САД ако тоа се случи.
Најавените тарифи од 60 отсто можат да влијаат на кинеската економија.
Трамп исто така би можел да се оддалечи од пристапот на администрацијата на Бајден за градење посилни безбедносни партнерства на САД со другите регионални земји со цел да ја заузда Кина.
Додека беше на функција, Трамп ја прогласи Кина за „стратешки конкурент“ и воведе царини за увоз на некои кинески стоки во САД. Пекинг тогаш возврати со воведување царини за некои американски производи.
Трамп го пофали кинескиот претседател Си Џинпинг како брилијантен, но опасен и исклучително ефикасен лидер кој контролира 1,4 милијарди луѓе со „цврста рака“, дел од она што неговите противници го карактеризираат како восхит на Трамп за „диктаторите“.