More

    Може ли да се случи Мицкоски да победи на изборите, а сепак да остане со кратки ракави?

    spot_img

    ВМРО-ДПМНЕ ќе победи на следните парламентарни избори, но СДСМ предводен од Димитар Ковачевски ќе стори сѐ да ги намали шансите на Христијан Мицкоски да ја формира новата влада. Клучно е Мицкоски да се принуди да учествува барем во „отворањето“ на Уставот, за на тој начин ВМРО-ДПМНЕ да го легитимира процесот на внесување на Бугарите во Преамбулата. Не е можен драматичен пресврт на изборното расположение што го покажуваат релевантните анкети, но ако Мицкоски влета во замката, тоа може сериозно да се одрази врз учинокот на неговата партија на изборите.

    Затоа Ковачевски, албанските политички лидери и дел од медиумите јавно, а западните амбасадори и тајно, ќе извршат жесток притисок врз лидерот и врз пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да учествуваат барем во првата фаза на процесот на менување на Уставот, а потоа и во јавната дебата. Ова за Плусинфо го тврди извор добро упатен во приликите во СДСМ.

    Ковачевски го кани Мицкоски на „отворањето“ на Уставот       

    Впрочем, дел од овој план и не е тајна. Премиерот Димитар Ковачевски во четвртокот на 9 март ја покани опозицијата да се вклучи во работните групи за уставните измени. Тој најави дека во следниот период Министерството за правда ќе ја почне координацијата со експерти по уставно право, кои ќе ги подготвуваат амандманите на Уставот.

    – Првата фаза е амандманите да бидат напишани од експерти. Не зборуваме само за вметнување на Бугарите во Уставот, туку и за другите заедници што изразиле желба да бидат дел од нашиот Устав. Таа работна група ќе вклучува експерти по уставно право и ќе бидат повикани претставници експерти од партиите, што значи и од опозицијата. Сметам дека опозицијата тоа би требало да го прифати, иако се покажало во минатото дека во ништо не сакаат да учествуваат, освен во блокирање на Собранието, но мислам дека овој пат треба да учествуваат – прецизираше Ковачевски.

    Според официјалниот „возен ред“ што го најави Ковачевски, за подготвените амандмани на Уставот ќе расправаат академската и бизнис-заедницата, невладините организации, медиумите и граѓаните, а потоа ќе следува и парламентарната дебата.

    Но, постои и план што не се соопштува официјално. За ова нашиот брифер вели:

    – Сите анализи поаѓаат од проценката дека во овој момент не постои двотретинско мнозинство за усвојување на уставните измени, чијашто суштина сепак е внесувањето на Бугарите во Уставот. Затоа, таа прва фаза за која зборува Ковачевски, имено експертската подготовка на амандманите и потоа неформалната јавна дебата надвор од парламентот, веројатно ќе потрае. Ковачевски нема причини да брза, зашто на крајот на таа дебата ќе се соочи со реалноста, а таа е дека нема мнозинска волја за усвојување на амандманите. Со други зборови, ако не сака сам да го турка процесот до моментот на целосна блокада и неуспех, на СДСМ не му останува ништо друго освен да се обиде да го вовлече Христијан Мицкоски во иницијалната фаза на подготовката на амандманите и потоа да ја развлече дебатата. Нормално и очекувано, во текот на дебатата, пропагандата на СДСМ ќе ги форсира познатите наративи дека ВМРО-ДПМНЕ ја блокира европската иднина на земјата и слично. Но, со самото партиципирање на ВМРО-ДПМНЕ, процесот би добил политички легитимитет.

    ВМРО-ДПМНЕ нема да учествува?

    Притисоците врз ВМРО-ДПМНЕ траат подолго време и засега се сведуваат на пласирањето на тезата дека Мицкоски тргува со меѓународниот фактор и бара победа на изборите и власт, за потоа да го одобри влезот на Бугарите во Уставот.

    – Дали на странските политичари кои доаѓаат во Северна Македонија, вклучително и на домашните политичари, на состаноците кои ги има со нив (Мицкоски) им вели – дајте ми власт и ќе го сменам Уставот? Нека одговори, па нека чујат и странците и нашите граѓани – изјави премиерот  Ковачевски пред неколку месеци.

    Најмалку во три наврати Плусинфо ги провери овие шпекулации во директна комуникација со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, но тој и во разговор со нас, а и јавно, негираше дека се пазарел. Партијата тврди дека нема промена на нејзиниот став за уставните измени, кој е соопштен многу пати досега – никој на избори нема мандат да го менува Уставот.

    Во четвртокот неколку медиуми објавија дека од Белата палата добиле уверување дека ВМРО-ДПМНЕ нема намера да учествува во ниту една фаза од уставните измени, вклучително ни во подготовката на уставните амандмани.

    Чуму беше реконструкцијата?

    Како ќе се одрази сево ова врз позиционирањето и врз рејтингот на најмоќните партии пред претстојните избори?

    – Во раководството на СДСМ постои погрешна перцепција дека усвојувањето на амандманите на Уставот најдоцна пред крајот на годината, до ноември, а тоа значи неколку месеци пред редовниот термин за изборите, ќе донесе пресврт на изборното расположение во негова полза. За жал, не е така. Порастот на евроскептицизмот што го регистрира анкетите е директна последица на притисоците од Софија и од Брисел. Можеби ДУИ и албанските партии можат да тргуваат и да си дозволат на Мицкоски да му нудат брзи предвремени избори ако тој ги прифати промените на Уставот, како што тоа го понуди вицепремиерот Артан Груби, но СДСМ со таквите комбинации губи. И тоа жестоко. Така се создава перцепција дека оваа влада ја води ДУИ на Али Ахмети и дека СДСМ е втор и маргинален коалициски партнер, кому воопшто не му е грижа за македонските национални интереси. Не велам дека тоа е точно, но голем дел од гласачкото тело, вклучувајќи и симпатизери на СДСМ, се под импресија дека работите се движат во таа насока – вели нашиот извор.

    Во таа смисла, сѐ почесто се поставува и прашањето каква беше идејата со реконструкцијата на Владата, бидејќи парламентарното мнозинство што го поддржува новиот кабинет се зголеми незначително, за двајца или можеби за тројца пратеници, далеку од потребното за усвојување на уставните измени.

    Бриферот на Плусинфо тврди дека намерата на актерите на реконструкцијата воопшто не била да се оформи еден моќен т.н. проевропски фронт, како што се тврдеше, туку да се создадат предуслови за предизвикување политичка криза во периодот по очекуваната победа на ВМРО-ДПМНЕ на изборите. Нашиот извор ова го нарекува „Бугарско сценарио“, мислејќи на ситуацијата во Софија, каде веќе втора година не може да се создаде стабилна политичка влада, а не е исклучено така да биде и после априлските избори во Бугарија.

    Што предвидува „бугарското сценарио“?

    – Ако им се верува на анкетите, а искуството ни кажува дека треба да им се верува, изборната математика е прилично јасна. СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ меѓу себе треба да поделат околу 80 пратенички мандати. Можеби и малку повеќе, зависно од тоа како ќе помине Левица, партија која е во подем. Клучното прашање за Бихаќка е дали ќе успее да освои повеќе од 30 мандати, што би значело ВМРО-ДПМНЕ да падне под очекуваните 50 мандати. Така би се намалила и апсолутната моќ на победникот, кому со политички маневри кои скапо чинат му се намалува и коалицискиот капацитет, односно можноста утре да коалицира со некоја од албанските партии. Грубо кажано, „бугарското сценарио“ предвидува ВМРО-ДПМНЕ да не успее да формира влада и со 50 и повеќе освоени мандати, бидејќи нема да најде партнер во албанскиот блок. А за да не помисли Мицкоски да формира влада без Албанци, или евентуално со партија од албанскиот блок која нема да има ореол на изборен победник, тука е заканата со дестабилизација на земјата преку идејата за формирање заедница на албански општини и слични провокации. Финалето на „бугарското сценарио“ би било формирање техничка или концентрациона влада, во која би партиципирале сите партии, вклучувајќи го и поразениот СДСМ. Се смета дека во една таква влада сите учесници полесно би ја споделиле одговорноста и за внесувањето на Бугарите во Уставот и за сите други предизвици што претстојат – вели изворот на Плусинфо.

    Тој додава дека во овој момент никој не може да процени колку ова сценарио е остварливо, но сите треба да се соочиме со реалноста дека секој од учесниците во политичката битка го прави она што е можно. Не попусто се вели дека политиката е уметност на можното, вели тој и објаснува:

    – СДСМ очигледно има преземено тешка обврска да ја турка таа работа околу уставните измени. Ковачевски има маневарски простор, но не преголем. Освен тоа, очигледно е советуван да не маневрира и да се држи строго до директивите. Во битката со ВМРО-ДПМНЕ и за спас од евентуален катастрофален пораз на изборите, која за него е клучна ако не сака да остане запаметен како „гробар“ на СДСМ, Ковачевски сега има сојузник само во албанските политички партии. Тоа сојузничење веќе го чини скапо, ако не и прескапо, но така како што се поставил, тој сега нема друг избор. Може ли да се постави поинаку? Може, но засега не гледаме знаци дека сака. И тоа е тоа. На другата страна, за Христијан Мицкоски исто така не е опција да влезе во процесот на уставните измени. Тој знае дека ако по тоа прашање остане доследен и тврд и ако не направи некоја друга катастрофална грешка, нема начин да ги изгуби изборите. А кој што ќе жнее после изборите, зависи од тоа што ќе сее пред тоа. Во секој случај, ако се случи Бугарите да влезат во Уставот пред изборите, шансите да видиме „бугарско сценарио“ по изборите се реални.

    ЌЕ СЕ ПОВТОРИ ЛИ ИСТОРИЈАТА, НО СЕГА КАКО ФАРСА?

    Ако се случи вакво нешто, Христијан Мицкоски ќе се најде во чевлите на Љубчо Георгиевски во 1990 година, кога тој убедливо победи на првите парламентарни избори, со 38 мандати наспроти 31 на тогашниот СКМ-ПДП, но сепак не успеа да формира влада. Клучно за неуспехот на Георгиевски беше тоа што не успеа да најде албански партнер да ја подели власта.

    Но, шанса да формира влада не доби ни СКМ-ПДП. Наместо тоа, со многу политички маневри, во кои клучна беше улогата на тогашниот претседател Киро Глигоров, се формираше т.н. експертска влада, на чело со професорот Никола Кљусев.

    Љубчо Георгиевски доби шанса да формира влада 8 години подоцна, после победата на изборите во 1998 година.

    „Историјата има тенденција да се повторува, првиот пат како трагедија, а вториот пат како фарса“, вели Хегел.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img