Бројни големи медиуми од Шпанија и Бразил пренесуваат дека на „Сантијаго Бернабеу“ пристигнала најголемата понуда за трансфер во историјата на фудбалот.
Имено, еден од клубовите од врвот на саудискиот шампионат – Ал Ахли, тргна со сите сили за бразилскиот напаѓач Винисиус Жуниор. Не се знае точно колку изнесувала понудата на Ал Ахли, но се шпекулира дека се работи за сума до 300 милиони евра.
Претседателот на Лос Бланкос, Флорентино Перез, ја одби понудата и им порача на богатите Саудијци дека можат да го имаат Винисиус само доколку ја платат неговата откупна клаузула која изнесува нереални милијарда евра.
Бразилецот наводно сè уште не ја одбил примамливата понуда. Ал Ахли му нуди петгодишен договор вреден една милијарда евра со што би заработувал 200 милиони по сезона. Саудијците имаат план да го направат Винисиус заштитно лице на Светското првенство во 2034 година, кое ќе се одржи во Саудиска Арабија. Со тој договор би заработил дури 13 пати повеќе отколку во Реал Мадрид.
Исто така, Саудијците се свесни за квалитетот на европскиот фудбал и му нудат на Винисиус можност да се врати во Европа во 2029 година, на крајот од договорот без обештетување, во неговите најдобри фудбалски години.
Саудијците, заедно со многу други бенефиции, се подготвени да му понудат на Бразилецот работа по негов избор во саудискиот фудбал, откако ќе се повлече од играњето.
Сепак, се чини дека Ал Ахли нема да го принуди Реал Мадрид да се откаже од една од своите најголеми ѕвезди, доколку навистина не се активира откупната клаузула. Иако тоа изгледа малку веројатно, клубовите од Саудиска Арабија веќе покажаа дека се подготвени да платат незамисливи суми на пари.
Потсетуваме, Винисиус Јуниор пристигна во Реал Мадрид во 2018 година од Фламенго за 45 милиони евра. За Лос Бланкос забележа 264 настапи и постигна 83 гола. Со Реал освои бројни трофеи, особено две титули во Лигата на шампионите и три титули во шпанската Примера.