Руската централна банка сè уште не го објавила платниот механизам за наплата на испораките на природен гас во руски рубљи за земјите коишто Русија ги прогласи за „непријателски“, откако рускиот претседател Владимир Путин пред речиси една недела даде таква наредба.
Дополнително ниту Европската Унија досега нема донесено единствена одлука како ќе се однесува кон ова прашање.
И земјава која се приклучи на санкциите кон Русија и е на списокот на „непријателските“ земји засега нема одлука како ќе се однесува во однос на руското барање и чека каква одлука ќе донесе Европската Унија.
Експертите велат дека земјава нема да има проблеми да ги изврши плаќањата за рускиот гас во рубљи, но тоа ќе зависи од тоа дали и во каков обем ќе се приклучи на одлуката на Европската Унија во однос на рускиот ултиматум. Тие сметаат дека ваквиот потег на Москва е со цел да се подобри стабилноста на руската валута, но и да се остварат и други економски и политички цели.
Русија денеска објави нова наредба на Путин во која тој даде последен рок за подготовка на мерките – 31 март.
– Владата треба да ја одобри директивата за измена на постоечките договори на „Газпром“ за испорака на гас во сегментот на промена на валутата на плаќање во руската рубља. Притоа треба да се задржи обемот на понудата, цените и принципот на формирање цени утврдени со договори – пренесоа руските медиуми.
Според најавите, Централната банка на Русија може да продава рубљи на купувачите на гас или тие да ја купуваат валутата на отворен пазар.
– Доколку клиентите одбијат да платат за гас во рубљи, тие нема да можат да купат руски гас, бидејќи ниту една друга валута нема да биде прифатена – изјави денеска портпаролот на Кремљ.
Во Европската Унија засега има различни ставови околу барањето на фактурите да се плаќаат во рубљи. Повеќето лидери на европските земји признаа дека не можат да се откажат од гасот од Русија.
Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека нема причина да се прифати барањето на Русија за плаќање на рускиот гас во рубљи.
– Сите текстови што се потпишани се јасни. Ова е забрането – рече Макрон на прес-конференција по самитот на ЕУ во Брисел.
Надлежните и експерти велат дека земјава нема да има проблем да го изврши плаќањето на гасот во рубљи, но се чека како ќе одлучат европските лидери во однос на ова прашање и дополнително се чека официјално Русија да го утврди механизмот на плаќање.
Поранешниот гувернер на Народната банка, Петар Гошев вели дека се ќе зависи од одлуката на Европската Унија дали ќе го прифати ултиматумот на Путин или ќе одлучи плаќањето да го врши во евра или долари и да бара алтернатива за руските енергенси. Во тие рамки, вели тој, е прашање колку земјава ќе се придржува кон одлуката на Европската Унија.
– Ако Европа го одбие барањето на Путин и се определи да набавува гас од други земји. Ако земјава се одлучи да ја следи ЕУ во таа одлука, тогаш ќе има дополнителни тешкотии околу снабдувањето со тој енергенс, односно прашање е колку ќе биде вклучена во снабдувањето со енергенсите од другите извори, како што беше најавено – вели Гошев.
Втората опција, според него е, ако некои држави од ЕУ одлучат да го прифатат ултиматумот на Путин и да ги плаќаат фактурите во рубљи.
– Ако земјава се приклучи на овие земји тогаш ќе треба да купува рубљи на девизен пазар, кај руската централна банка или кај банките кои ќе бидат определени од Русија за конверзија на валутите и на тој начин да ги плаќа фактурите и при тоа мора да очекува цена на гасот која ќе ја определува руската валута – додава Гошев.
Но во тој случај, според Гошев, ќе биде разбиено единството на европските земји, што оди во прилог на целта на Путин да ги разбие санкциите и да обезбеди политичка и економска корист од тоа.
– Во тој случај цената на гасот ќе зависи од движењето на курсот на рубљата. Ако рубљата јакне и цената на гасот и нафтата ќе оди нагоре. Тогаш Русија ќе профитира и политички и економски што е и целта на оваа мерка на Путин. Тој сака да ги пробие санкциите и да ја подобри стабилноста на руската валута и да обезбеди девизи за плаќање на увезените стоки од други земји кои не се вклучени во санкциите. Дополнително со тоа ќе се изврши притисок и на доларот и ќе влијае на негово слабеење – вели тој.
Други економски експерти, пак велат дека оваа мерка на Путин нема многу да влиаје на девизниот пазар на еврото и доларот, бидејќи тие се стабилни. Тие сметаат дека ваквиот потег на Москва е со цел да се зголеми побарувачката за руската валута на девизниот пазар и со тоа колку може да се ублажи ударот кој го доживеа рубљата со разгорувањето на конфликтот со Украина.
Од Народната банка велат дека досега нема официјален допис од Русија за начинот на плаќање, но се следат официјалните извори за да се преземаат навремени активности.
– На официјалните интернет страници на посочените јавни руски институции до моментов нема официјално соопштение за преземени активности во врска со оваа информација. До Народната банка не е доставен официјален допис, ниту какво било известување поврзано со оваа објава. Народна банка и натаму внимателно ќе ги следи информациите од официјални извори заради навремено преземање на сите неопходни активности коишто се во нејзина надлежност – велат од Народната банка.
Од банката посочуваат дека во изминатите години, прометот со руската рубља на домашниот девизен пазар беше незначителен.
– Но Народна банка со внимание ги следи состојбите на меѓународните пазари на валути и ги разгледува можностите во случај на евентуална потреба од тргување со оваа валута – додаваат од НБ.
Моментално иако стои на курсната листа на НБ рубљата нема износ, но причина за тоа е што Европската централна банка нема референтна цена за оваа валута.
– Од 2 март, кога Европската централна банка соопшти дека не е во позиција да го објавува референтниот девизен курс на руската рубља во однос на еврото поради тековно недоволниот обем на тргување и во согласност со Одлуката за начинот на формирање и објавување на курсевите, Народната банка информираше дека среден курс на денарот во однос на руската рубља е последно објавен на курсната листа со важност од 2 март, 2022 година – велат од НБ.
Оттаму додаваат дека со одлуката за начинот на формирање и објавување на курсевите на Народна банка е дефинирано дека Народна банка формира средни курсеви за странските валути коишто се утврдени во курсната листа.
– Средните курсеви за странските валути се користат за книговодствено искажување на побарувањата и обврските изразени во странски платежни средства согласно со прописите за сметководствено работење и за потребите на платниот биланс. Согласно точка 4 од Одлуката, средните курсеви за останатите валути од курсната листа, освен за средниот курс на денарот во однос на еврото, се пресметуваат врз основа на дневните референтни курсеви на еврото со останатите валути, објавени од страна на Европската централна банка – велат од НБ.