Буџетот на државата не е развоен, туку инфлаторен, изјави денеска претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во Велес, во одговор на новинарско прашање да даде коментар за интервјуто на премиерот Димитар Ковачевски за МИА.
– Би сакал да кажам три поенти. Првата поента е кога вели дека ова е развоен буџет, не е развоен буџет туку е инфлаторен. Зошто инфлаторен? Затоа што основата на неговото димензионирање е инфлацијата. Тие велат имаме зголемени буџетски приходи поради зголемена инфлација, и таа ја проектираат на ниво од 7,1 отсто. Тоа значи дека сиромашните граѓани дополнително ќе ги осиромашуваат преку даноци и тие даноци ќе ги прибираат за нетранспарентно трошење на буџетот – рече Мицкоски.
Тој посочи дека власта не организира отворени денови за граѓаните да видат каде ќе се трошат парите од Буџетот.
– Ковачевски вели дека растот на Бруто домашниот производ ќе достигне стапка од 5 отсто. А истата таа влада, истото тоа министерство, вели дека следната година ќе имаме раст од 2,9 отсто. Значи, огромна е грешката. Ако премиерот вели 5 отсто, а Министерството за финансии вели 2,9 отсто грешката помеѓу едниот и другиот орган е некаде околу повеќе од неколку стотици милиони евра – оцени тој.
Според него, не се точни информациите и во врска со трансфер дотациите кон општините, што треба да следат.
– Се сѐ прави само да спречи развојот на општините каде што имаме градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ. Не им се овозможува за првпат историски општински обврзници, задолжувања преку банките како што е случајот во Гевгелија и во Радовиш. Така што повторно уште една лага, уште една манипулација или незнаење на Димитар Ковачевски, што е навистина катастрофално = оцени Мицкоски.
Според него, справувањето со енергетската криза се одвива, како што вели, преку тендери во четири очи за набавка и транспорт на јаглен, набавка на мазут и како што вели „херојско” авансно плаќање на фактурите.