Лидерот на опозициската партија Христијан Мицкоски денеска изјави дека е добро што Владата прифатила дел од предлозите на ВМРО-ДПМНЕ за справување со енергетската криза.
– Ja слушав внимателно прес-конференцијата на Димитар Ковачевски. Таму има три мерки од кои две се предлог на ВМРО-ДПМНЕ. Тоа се основните и средните училишта да добијат повластена цена на струја и јавните претпријатија кои испорачуваат водостопански услуги кои користат пречистителни станици и ги одведуваат отпадните води или канализација да добијат исто така повластена цена на струјата – рече Мицкоски за време на посетата на Зелениково.
Тоа, според него, драматично ќе го олесни буџетот на граѓаните и на компаниите, но и ќе им помогне и на општините.
– Тоа се барања на ВМРО-ДПМНЕ и добро што престанаа да се инаетат и прифатија дел. Ковачевски вели дека ќе има повластена цена и за оние кои произведуваат храна што значи дека чекаа храната да поскапи за 31 процент затоа што вчера Државниот завод за статистика излезе со прецизна бројка споредено со октомври минатата година дека во октомври годинава храната има зголемена цена за 31,2 проценти, а инфлацијата е близу 20 проценти – рече Мицкоски.