Случајот „Феникс“ во кој се обвинети повеќе лица за перење пари и злоупотреба на своите должности при набавката за спомениците од проектот Скопје 2014, според лидерот на ВМРО-ДПМНЕ се обид за театар и дефокус од криминалите на актуелната власт, но и негација на македонскиот идентитет.
Христијан Мицкоски при денешната посета на општина Кисела Вода изјави :
– Тоа што беше театар пред јавноста, а што беше прикажано пред некој ден вие го нарековте случај „Феникс“ е исклучиво и само со една цел, а тоа е дефокус од јавното мислење, за да се дивергира од оние коишто денеска купуваат со десетици милиони евра имот во центарот на Скопје. Ако имало дело тоа ќе било решено пред седум, осум, девет години. Второ, продолжува на тој начин да се негира македонскиот идентитет, затоа што на тој начин се фрла сенка на идентитетските обележја, односно тие споменици коишто имаат за цел да покажат еден историски континуитет за битката на македонскиот народ за своја држава и битката за својот сопствен идентитет – кажа Мицкоски.
Владејачката СДСМ реагираше на изјавата на Мицкоски и му порача дека тој го брани криминалот на ДПМНЕ во Скопје 2014 наместо да побара одговорност.
„За Мицкоски не е проблем тоа што негови сопартијци се осомничени дека проневериле 57 милиони евра, пари на граѓаните, за 11 споменици од Скопје 2014. 33 нови детски градинки ширум државата можеле со 57 милиони евра да се изградата ама за Мицкоски тоа не е важно“, велат од СДСМ и додаваат:
„Ова е само потврда, ДПМНЕ е криминална партија а по криминален споменик од Белата палата нема“.
Фото: МИА