Во денешното интервју за „Тера“ претседателот на ВМРО-ДПМНЕ,Христијан Мицкоски потенцираше дека уставните измени нема да поминат, а есенски избори се единствено решение, бидејќи, како што вели, стратегија на власта не се уставните измени туку да го истуркаат мандатот и уште неколку месеци да останат на власт за да поделат уште неколку тендери во четири очи.
– Се надевам дека ќе има наесен предвремени парламентарни избори, сепак ние не сме мнозинство во Парламентот, уставните измени секако нема да поминат, бидејќи тие ако имаа 80 пратеници, тие и досега ќе ги ставеа уставните измени во Собранието. Нивната цел не е овој процес да го завршат, нивната цел е да го растегнат овој процес, затоа што секој еден ден дополнително надеж, во јавноста, некоја глупава изјава како што беше онаа на Пендаровски, „ако не овој август тогаш следниот септември“, тоа значи уште некој ден повеќе за крадење и тендери во четири очи тоа е нивната стратегија. Не е нивната стратегија дека тие веруваат во некои европски вредности, зошто ако вие верувате во европски вредности тогаш не може да делувате неевропски, и да се занимавате со политички криминал и корупција. Нивната борба не е да поминат уставните измени нивната борба, нивната борба е да помине надежта, дека некогаш ќе има некакви уставни измени за да може да си го истуркаат мандатот до таму некаде пролет, март, април и уште неколку месеци да останат таму каде што се, уште неколку тендери да си поделат во четири очи и тоа нивната политичка филозофија – нагласи Мицкоски.
Последните анкети коишто ние како политичка партија ги правиме секој месец по една теренска и по една телефонска анкета, додаде тој, морам да кажам дека покажуваат за првпат разликата помеѓу нас и СДС да е многу повеќе и од два пати.
– Последните бројки кои што ги добивме овој месец се 24 наспроти 11 проценти. И тоа е огромна доверба и огромно очекување на граѓаните од ВМРО-ДПМНЕ – истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски при гостување во ТВ Тера.
Мицкоски додаде дека тенденција на партијата е довербата кај граѓаните во ВМРО-ДПМНЕ да расте.
– Значи вие кога имате толкава предност, тоа и ве обврзува и треба и ние да се замислиме во ВМРО-ДПМНЕ, и добро да се екипираме затоа што граѓаните ќе имаат огромни очекувања и брзи очекувања во идната Влада која што ВМРО-ДПМНЕ ќе ја предводи – заклучи Мицкоски.
Факт е, посочи тој, дека Владата на СДС предложи законско решение и ДУИ во кое што беше предвидено зголемување на данокот на додадена вредност за пелетите.
– Факт е дека потоа пратениците од ВМРО-ДПМНЕ поднесоа амандман и исто така е факт после неколку дена пратениците на СДС поднесоа ист таков амандман велејќи дека тие се тие што немало да дозволат зголемување на ДДВ. Е , сега се поставува прашањето дали се тие оние исти пратеници од владејачката коалиција кои што претходно седум закони кои што беа дел од проекто „Бехтел и Енка“ без да ги прочитаат, без да го видат Договорот со „Бехтел и Енка“ ги ставија во собраниска процедура или се пак оние истите кои што имаат проблем што значи два – три дена порано, а што значи два-три дена подоцна – запраша претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.
Мицкоски додаде дека е потребно да се намали данокот на додадена вредност и на сметките на електричната енергија со цел да не трпи стандардот на граѓаните на Република Македонија.
– Стандардот на граѓаните трпи удари не само од зголемените даноци туку и со инфлацијата која што цела година руши рекорди. Ние не сакаме да имаме политички кредит од сето ова, нека бидат пратениците од СДС еве тие и нека ги предложат овие амандмани, а ние јас ви ветувам како Коалиција и пратеничка група тоа ќе го поддржиме во Парламентот. Нека бидат тие пратениците кои што ќе побараат повлекување на овие закони од собраниска процедура и нека бидат кои што ќе предложат амандмани – укажа Мицкоски.
Тој укажа дека во текот на вчерашниот ден пратениците од владејачкото мнозинство одбија да има јавна дебата.
– Така за жал СДС и Владата ја водат својата политика – нагласи Мицкоски.