ВМРО-ДПМНЕ ќе го блокира законот за амнестија со амандмани бидејќи намерата на власта со овој закон е да се ослободат криминалци коишто служат затворски казни, а идната влада на ВМРО-ДПМНЕ има намера да се пресмета со криминалот од каков било облик – изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање при денешната посета на општина Илинден
– Владата на СДСМ-ДУИ, односно ДУИ-СДСМ, се подготвува за сериозна опозиција. Ние ќе го блокираме тој закон, тука не треба да има никаква дилема. Ова не е закон со европско знаменце како што беа измените во Кривичниот законик и ние ќе го блокираме во рамките на собраниската процедура, зошто овој закон има двојна намена: првата е да ослободат криминалци кои одлежуваат затворска казна, бидејќи така им ветиле. Тука не мислам само на СДСМ и ДУИ туку и на помалиот коалициски партнер, мислам на Алијансата за Албанците, ако воопшто постои, ако не е претопена во ДУИ или барем оној дел којшто се идентификува како Алијанса за Албанците. Значи, тоа се преземени обврски кон криминалците коишто се на отслужување на затворска казна – дел од нив да добијат намалување делумна амнестија, дел да добијат целосна амнестија и потоа тие исти криминалци да се најдат на улиците и да прават проблеми на идната влада на ВМРО-ДПМНЕ, мислејќи дека на тој начин ќе добијат. Можам да ги разочарам дека идната влада на ВМРО-ДПМНЕ има јасна намера да се пресмета со криминалот од каков било облик, дали се тоа вакви криминалци коишто се занимаваат со изнуда, ограбувања, рекетирање, насилство итн. или политичките криминалци коишто денеска се дел од владата – рече Мицкоски.