Првиот вицепремиер Артан Груби понуди, а лидерот на најголемата опозициска партија во земјава Христијан Мицкоски денеска одби.
Првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ не ја прифати понудата на вицепремиерот од ДУИ, кој побара ВМРО-ДПМНЕ да поддржи промена на Уставот за впишување на Бугарите, а веднаш потоа Парламентот да се распушти и да се оди на предвремени парламентарни избори.
Според Мицкоски, неговата партија барала власта да ја вклучи во преговорите за Францускиот предлог, но било одбиено, така што сега нема зошто да се бара ваква услуга од нив.– Тие предлози од владата на ДУИ поддржана од СДСМ сме ги слушале во минатото… Ги предупредивме, не преземајте обврска којашто нема да ја исполните, но тие и покрај тоа ја втурнаа Македонија во една голема неизвесност – рече Мицкоски.
Во овој контекст, Мицкоски денеска излезе со свој политички предлог до власта затоа што како што рече е свесен оти Македонија има реален проблем во однос на евроинтеграциите.
– Затоа јас имам контра-предлог до нив, да не ја мачат македонската јавност, да престанат да крадат, да се охрабрат и ако мислат дека добро правеле изминативе години и изминативе месеци. Еве во мај, не мора 100 дена техничка влада, еве и тоа им го овозможуваме, да одиме на избори и секоја политичка партија да понуди решение за проблемот во којшто ја втурнаа Македонија – Мицкоски.