Адвокатот Панче Тошковски ќе биде предлог на ВМРО-ДПМНЕ за министер за внатрешни работи, објави вечерва партискиот лидер Христијан Мицкоски во вечерашната емисија „Топ тема“ на телевизија Телма.
Велешанецот Тошковски е претседател на Комисијата за правни прашања на ВМРО-ДПМНЕ.
Мицкоски вели дека барем во првите сто дена, тој иако нема искуство во ресорот МВР, со своето дејствување ќе отскокнува од сите претходни минитри во овој ресор.
Во време додека Мицкоски беше во врвот на ЕСМ, Тошковски бил ангажиран во два наврати како надворешен адвокат.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ истакна дека Наќе Чулев, кој беше технички министер во МВР во времето на претходната техничка влада, секако ќе добие значајна функција во владата која ќе ја предводи ВМРО-ДПМНЕ.
Мицкоски потврди дека вториот министер по предлог на опозицијата во техничката влада ќе биде Ѓоко Велковски во ресорот труд и социјална политика, кој долго време работи во МТСП. Тој беше поставен, па разрешен одгенерален секретар на Град Скопје.
Стефан Андоновски, меѓународниот секретар во ВМРО-ДПМНЕ, ќе биде предлог на опозициската партија за дополнителен заменик министер во Министерството за информатичко општество и администрација, Цветан Трипуновски во Министерството за земјоделство, а Елена Петрова во Министерството за финансии. Таа долги години работи во УЈП.
Вечерва на партискиот извршен комитет, Мицкоски рече дека ќе ги образложи овие имиња, откако највисоките партиски тела му дадоа „одврзани раце“ тој да одлучи за кандидатите за позициите на опозицијата во техничката влада.