Денеска топ тема на оние кои доаѓаат во Македонија не е корупцијата, криминалот и слично, туку зборуваат само за уставните измени, рече Христијан Мицкоски, лидер на ВМРО-ДПМНЕ на гостувањето во емисијата „Заспиј ако можеш“ на телевизија Алфа.
– Разбирам да се плашат Бугарите од дискриминација, немање или непочитување на човековите права. Но, има 14 пресуди за Македонците во Бугарија од Судот за човекови права во Стразбур и нула за Бугарите во Македонија. Ако некој треба да се плаши се Македонците, а не Бугарите. Според пописот ги има 762 на кои мајчин им е бугарскиот. Зошто мораше суштината на амандманите да е во парламент сега во прва фаза. Ова е само потреба од отворање на Уставот. Затоа што таму де факто се прави дводомен парламент со 43 пратеници – рече Мицкоски.
Тој укажа дека со ова власта дополнително ја влошува позицијата на државата.
Според него, власта спроведува политика на „купи ден – продај“ за да нема предвремени парламентарни избори и укажа повторно дека уставните измени нема да поминат.
Мицкоски потенцираше дека се шпекулации дека некој има влијание врз пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ за прифаќање на уставните измени, односно дека такво нешто не постои и дека „тоа е повторно во делот на рибарски приказни и теоријата на заговор“.
– Талат Џафери кажа дека ќе ја прекине седницата и потоа ќе почнат лов на пратеници. Тие и сега имаат лов на пратеници, но тогаш ќе почнат непринципиелни методи. Се носат некои закони за амнестии, па имаше шпекулации дека тука ќе бидат опфатени личности кои што биле дел од поранешното раководството на ВМРО-ДПМНЕ, кои што наводно биле влијателни кај некои пратеници од пратеничката група, но такво нешто не постои. Тоа е повторно во делот на рибарските приказни и теоријата на заговори – нагласи Мицкоски.