Не станува збор за политичка, туку за судска одлука и неа треба секој да ја почитува. Да почекаме да се произнесат уставните судии, да не се врши притисок врз судските инстанци, изјави премиерот Христијан Мицкоски кој беше прашан за мислење дали прифаќањето на иницијативите за Законот за јазици на Уставниот суд ќе влијае на коалицијата.
Тој апелираше да не се врши притисок врз Уставниот суд, туку да се остави Судот сам да одлучува.
– Законот е поднесен во рамки на Уставниот суд. Да почекаме да се произнесе. Не знам зошто се прави овој притисок. Јас разбирам дека ДУИ, луѓето кои изминативе 20 години заробија низа од институциите, од голтари станаа милионери, ќе се обидат да манипулираат дел од нашите сограѓани со етнички теми, па некои од нив се дрзнаа дури и со верски теми да собираат, да манипулираат и ова им е одлична тема на тој начин да манипулираат. Но, тоа што го направиле тие е прашање на кое што тие треба да одговорат. Затоа, би апелирал до јавноста да не вршиме притисок на судските истанци, да не вршиме притисок на Уставниот суд, да почекаме Уставниот суд да се произнесе. Не сакам да верувам дека постои граѓанин во Македонија којшто нема да почитува судска одлука. Ние сме држава која што се темели на владеење на право. Може да се подобруваат и носат нови закони, може се да се прави, но во рамки пред се на Уставот и интересот на граѓаните. Вистинското прашање е зошто тие што го донеле тој закон потенцијално донеле закон којшто е неуставен, а вратете се назад и погледнете го мислењето на Венецијанската комисија и уште тогаш ќе го добиете одговорот на оваа дилема – изјави Мицкоски.