Иако декларативно и постојано нѐ убедуваат дека македонскиот јазик е „заштитен“, конечно гледаме дека тоа не е вистина. Последниот доказ за тоа е заедничкиот став на бугарските европратеници. Без разлика од која политичка опција доаѓаат, тие бараат бришење на македонскиот јазик, објави преку својот профил на Фејсбук Никола Мицевски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој вели дека полека но сигурно, вистината испливува на површина и дека само Владата на Македонија не ја гледа или не сака да ја види, како што вели, бугарската негаторска и асимилаторска политика кон Македонија, македонскиот народ и македонскиот јазик.
„Ова повеќе не се само желби искажани напразно, ова е веќе официјална политика на Бугарија кон Македонија, која што во текот на вчерашниот ден, уште еднаш се потврди преку амандмани на Мешовитиот парламентарен комитет во Стразбур, поднесени од бугарските европратеници кои побараа бришење на македонскиот јазик“, напиша Мицевски.
Тој наведе дека меѓу подносителитете на овие амандмани се Сергеј Станишев, претседател на Групата на социјал-демократи во Европскиот парламент и поранешен премиер на Бугарија, како и Александар Јорданов од Сојузот на демократски сили и поранешен амбасадор во Македонија.
„Значи, без разлика на која политичка опција припаѓаат, бугарските претставници и државници, бугарската политика и дипломатија кон македонското прашање не се менува. За жал, тоа не е случај и кај нас. Токму затоа, уште еднаш јасно и гласно кажувам дека решението не е во ова што ни се нуди и упорно ни се сервира како опција која што треба и мора да ја прифатиме. Ве уверувам дека ова нема да биде последната уцена и вето кон Македонија од бугарска страна, бидејќи токму штетниот Договор за добрососедство потпишан од македонската влада го дозволува тоа“, додава Мицевски и нагласува дека уставни измени нема да има сѐ додека „не се укине и измени уценувачкиот и асимилаторски Договор за добрососедство, кој што е извор на сите неправди, уцени, негации и омаловажувања на македонскиот народ“.