Претседателката Гордана Сиљановска Давкова не го прекрши Уставот со неупотребата на уставното име на државата при положувањето заклетва во Собранието, вели потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Владо Мисајловски.
Тој за „360 степени“ додаде дека пратениците, министрите од ВМРО-ДПМНЕ, градоначалниците и новата претседателка ќе го користат терминот „северна“ само тогаш кога законот налага.
-Во комуникацијата можете да си употребувате Македонија, јас не гледам пречки, мислам дека тоа е исправно, но од другата страна кога грчките политичари кажуваат Македонија и нема реакција од македонкото МНР тука има двојни аршини. Ако зборуваме за почитување на Договорот од Преспа, една минорна работа ќе спомнам, една од обврските на Грција е да ги смени таблите, а сте виделе дека останале Евзони и Скопје. Ние не сме се промениле, постојано велевме дека овој договор е штетен и истото го зборувавме за францускиот предлог кога многу мислеа дека веднаш ВМРО-ДПМНЕ во првите сто дена ќе го смени Уставот. Не е точно, апсолутно не е така, останавме доследни на она што го зборувавме во кампањата – вели Мисајловски за „360 степени“.
Тој истакна дека тие од формално-правен аспект ќе го почитуваат уставното име само каде што мора, но никој, како што вели, не може да им ја забрани употребата на терминот Република Македонија.
– Јас сум пратеник четири години и тоа го користам постојано, исто така и Сиљановска Давкова беше пратеник во минатиот состав и мислам дека ние бевме де факто државни функционери и еве министрите во техничката влада, но мене ми е подраго што по завршување на таа изјава во Собранието, целиот дипломатски кор беше присутен и дадоа огромна поддршка од ЕУ и сите дипломатски претставници и ние ќе ги негуваме односите и ќе работиме за подобра, за горда Македонија, но ќе го правиме она што го правевме и претходно. Не мислам дека би имало ново вето поради ова – вели Мисајловски.