Министерството за одбрана денеска го објави Јавниот оглас за прием на 200 професионални војници на служба во Армијата, а рокот за пријавување на кандидатите е 15 дена вклучувајќи го и денот на објавата.
„Согласно новите законски измени за служба во Армијата, идните професионални војници од моментот на склучување на договор ќе земаат почетна плата над 25.000,00 денари со дополнителни над 9.000,00 денари – средства за станбено обезбедување од 01.01.2023 година. Условите за пријавување на лицата на јавниот оглас се следни: да се државјани на Република Северна Македонија, да се полнолетни, да имаат завршено најмалку средно образование, да не се постари од 25 години на денот на завршување на огласот за прием и да се здравствено и физички способни. Кандидатите за професионални војници својата пријава може да ја поднесат на неколку начини: по електронски пат заедно со потребните документи на следниот е-маил: javenoglaspfv@morm.gov.mk или до Одделенијата за одбрана во или блиску до местото на живеење, заедно со потребните документи. Во постапката за избор, кандидатите за професионални војници ќе подлежат на тестови за физичка подготвеност и на здравствени прегледи спроведени од посебни комисии“, наведено е во огласот.