Министерот за здравство Фатмир Меџити попладнево во Собранието пред членовите на Анкетната комисија рече дека обезбедил враќање на КАТО-системот за контрола на терапијата со новиот ребаланс на Буџетот и дека тој систем ќе спречи идни злоупотреби во здравството. Тој тврди и дека сега на Онкологија има стручен колегиум на т.н. онколошки конзилиум и дека секоја среда се разговара за секој пациент кој треба да почне со терапија и за лековите.
– За КАТО-системот за дозирање и контрола на терапија која се дава на пациентите, кои се лекуваат на Онкологија, неколку месеци пред овој случај да излезе во јавноста, се правеа финансиски анализи дали КАТО-системот да се врати во функција или да се обезбеди нов систем за контрола на терапија. Со новиот ребаланс на Буџет обезбедивме враќање на КАТО-системот кој долгорочно ќе ги спречи евентуалните злоупотреби во иднина – нагласи Меџити.
Тој пред Комисијата порача дека ако има политичка одговорност за случаите со издавањето на терапија на онкологија тогаш треба да се утврди чија е, а дека на пратениците е да предочат ако има системски пропусти. Министерот повика час поскоро да се дознае кој си поигрувал со животите на пациентите.
Тој посочи и дека ова не е првпат да почне истрага на Онкологија.
– Од претходните излагања на сведоци пред Анкетна комисија, од тоа што го објавија медиумите, дознаваме дека истраги на Онкологија имало и во 2012 година. Се води судски спор и за случај од 2019 година. Во два наврати полицијата интервенирала за кражба на терапија од медицинска сестра на која менаџментот на клиниката во мој мандат и даде отказ од работа – изјави Меџити.
Во текот на расправата прашање постави пратеничката Иванка Василевска од ВМРО-ДПМНЕ која го обвини министерството дека нема капацитет да се справи со проблемите и дека постои причина за сомневање дека е прекршена ЕУ директивата за транспарентност 89/105.
– Имаме сознанија дека исти лица и се вклучени како членови во повеќе работни тела, комисии за лекови во министерството за здравство, Малмед, во владата, значи се однесува на зголемувањето на цените, позитивна листа тендери, регистрација на лекови итн., дали тоа точно? Дали сметате дека таквата ситуација е конфликтна самата по себе?- гласеше едно од пршањата на пратеничката Василевска.
На седницата денеска одговараше и поранешниот министер за здравство Венко Филипче, а искази претходно дадоа министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и поранешниот министер за здравство Беким Сали.
фото: МИА