Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски соопшти дека со новиот модел на достава на личните карти на граѓаните во Скопје доставени се четири и пол пати повеќе лични карти.
– Пред две недели го укинавме претходно воспоставеното решение за достава на лични карти според кое полициски службеници ги доставуваа личните карти на домашна адреса на граѓаните и воведовме нов механизам за достава така што граѓаните можат во било кое време да ја подигнат својата лична карта во подрачната полициска станица според местото на живеење – истакнува Тошковски.
Во тој контекст, како посочува Тошковски, за само две недели доставени се вкупно 12476 лични карти, односно во просек по 891 дневно, што е четири и пол пати повеќе во однос на претходно кога за период од 50 дена (18.01.2024 – 09.03.2024г.) биле доставени 10100 лични карти, односно 202 дневно.
– Овие бројки покажуваат дека новата мерка која ја донесовме пред две недели, а која се темелеше врз основа на претходно направени анализи е исправна и дава одлични резултати – вели министерот за внатрешни работи.