Министерот за одбрана на Израел, Јоав Галант, денеска пред израелските војници распоредени на границата со Појасот Газа им рече дека наредбата да влезат на територијата што ја контролира Хамас ќе дојде наскоро, пишува Тајмс оф Израел.
– Сега ја гледате Газа од далеку, наскоро ќе ја видите и одвнатре – им вели Галант на војниците на бригадата Гивати.
– Наредбата ќе дојде – додава тој.
Во меѓувреме, сирените за воздушен напад се огласија попладнево и на југот и на северот на Израел, по што бил истрелан бараж ракети од Појасот Газа и Либан. Исламскиот екстремистички Хамас, кој владее со Газа и е присутен и во Либан, ја презеде одговорноста за истрелувањето ракети од земјата кон северен Израел.
Како што е соопштено, либанскиот огранок на Хамас истрелал 30 ракети врз градовите Нахарија и Шломи. Израелската армија потврди дека биле истрелани дваесетина ракети и оти одговорила со артилериски оган.
Израелските медиуми денеска јавуваат за ракетирање и пукање од јужен Либан во правец на северен Израел и оти судирите меѓу израелската армија и либански Хезболах и другите екстремистички организации продолжуваат додека трае војната во Појасот Газа.
Сирените се огласија во неколку населени места во северниот дел на Израел, меѓу кои Нахарија и Кирјат Шмона, со население од околу 90.000 жители.
Претходно денеска врз еден кибуц во близина на границата беа истрелани два наведувани противтенковски проектили, но нема повредени, а израелската армија одговори со артилериски оган.
Се проценува дека денешниот ракетен напад од Либан во северен Израел е најтешкиот по нападите на Хамас врз јужниот и централниот дел на Израел на 7 октомври, со кои почна војната. Нападите од Либан го најавуваат отворањето на вториот фронт за израелската армија додека се подготвува да почне копнена офанзива на Појасот Газа.