Министерот за надворешни работи Бујар Османи го посетил тепаниот Христијан Пендиков во Софија во „договор со Американците“, а одлуката дошла во време кога Османи веќе бил во Бугарија, на дводневно скијање во центарот Боровец. Вака во интервју за радио Лидер тврди сега веќе поранешниот заменик-министер за локална самоуправа од Демократскиот сојуз(ДС), Зоран Димитровски. Со оставката на Димитровски пред неколку дена ДС излезе од владата.
Димитровски раскажа дека кога се случил инцидентот со тепањето во Охрид, премиерот Ковачевски имал средба со своите коалициони партнери на која Ковачевски им раскажал дека Османи го информирал дека ќе го посети Пендиков, односно дека посетата не била негова или одлука на владата.
– Во тој момент еден од присутните го праша премиерот, добро зошто во тој случај го испраќате Бујар Османи во болница во Софија, да го види повредениот, да се извинува и така натаму. Премиерот тогаш ни одговори, не го испративме ние, ми се јави синоќа Бујар Османи и ми рече јас ќе одам во Софија, утре, и го прашал зошто одиш во Софија, па Османи му рекол ќе одам два дена на скијање во Боровец и ќе одам утре во Софија, да го видам Пендиков. Зошто ќе одиш да го видиш Пендиков? Настанот е малку контроверзен, го земаа со авион и така натаму. И добро зошто ќе одиш да го видиш Пендиков, сè уште не е расчистен случајот, имаме полициска истрага во која гледаме дека случајот е за дрога. Па Бујар Османи му рекол знаеш јас се слушнав со Американците, рекоа дека можеби е добро да го посетам заради тензиите да се намалат меѓу двете страни – кажа Димитровски.