Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски оцени дека безбедноста не е загрозена по вчерашниот инцидент во „Ист Гејт Мол“, кога беше пукано врз две лица, на кои им се нанесени тешки телесни повреди.
– Безбедноста во овој дел не е загрозена, и полициските служби постојано се на терен. Работевме во делот на безбеден град или безбедно лето, во зависност на периодот во кој се спроведуваат овие акции. Поради големината, посебен акцент е ставен на Скопје. Што се однесува до инцидентот, активно се работи на случајот, веднаш е формиран посебен штаб во МВР. Сите заеднички прибираме заеднички докази и информации заедно со ЈО, се со цел да се открие сторителот и мотивите – рече Спасовски.
Според него станува збор за криминална пресметка и конфронтација меѓу криминалните групи, кои како што вели 30 години некој ги создавал.
– Сега им објавивме неселективна војна на тие криминални структури и тука нема да застанеме. Безбедноста на граѓаните и на градот е најважна – вели тој.
Спасовски рече дека криминални активности се случуваат вакви изолирани инциденти.
– Во еден град како Скопје, и во другите градови, секако криминални активности се случуваат секојдневно. Работата на полицијата е да работи перманентно во подобрување на безбедноста. Не само во делот на криминалот, туку и во сообраќајот и други работи. Активности се преземаат секојдневно за разбивање на криминални групи. Но, за жал се случуваат вакви изолирани инциденти. За безбедноста придонесуваме сите, и јас, и вие и сите граѓани – рече министерот.