Министерството за здравство сѐ уште го чека извештајот од обдукцијата од Судска медицина за шестгодишното девојче Јана кое почина во Клиничката болница „Др Трифун Пановски“ во Битола.
Министерот за здравство Фатмир Меџити денеска изјави дека очекуваат за кратко време Обвинителството да го побара извештајот, по што тие во истиот момент ќе го достават.
– Сѐ што е од стручната комисија и од инспекторите од Државниот санитарен и здравствен инспекторат, сѐ е во извештајот. Чекаме од Обвинителството да ни го побараат и да ја доставиме документацијата – рече Меџити и додаде дека во најскоро време ќе ја посети битолската Болница.
Шестгодишната Јана почина на 22 март во битолската Клиничка болница само неколку часа откако била примена со оток на очите, болки во грлото и нозете и повраќање. Нејзините родители се сомневаат дека девојчето не било соодветно третирано.