Министерот Дурмиши го образложи новиот предлог-закон за работно ангажирање

Lorita
By Lorita 10 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!
- Advertisement -
Ad image

Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, денеска ја претстави содржината и целите на новиот предлог-закон за работно ангажирање на лица на јавна расправа што се одржа во Собранието на Република Македонија.

Во своето излагање, министерот нагласи дека воведувањето на овој закон претставува важен чекор во борбата против сивата економија, како и во создавање услови за подобра социјална заштита на работниците. Според него, со предложените законски решенија, Министерството за економија и труд продолжува со спроведувањето на политики што ќе овозможат формализација на неформалната работа и стимулирање на правната економија.

Една од централните цели на законот, посочи министерот Дурмиши, е да се намали трендот на иселување на младите лица, истовремено овозможувајќи им на домашните компании правен и транспарентен начин да ангажираат работници.

Според предложените одредби, законот ќе овозможи едноставна процедура за ангажирање на работници на повремени и сезонски работни позиции во определени сектори, со што се очекува да се задоволат краткорочните потреби на стопанството, без административни пречки.

Дополнително, со законот се овозможува ангажирање на лица кои се веќе пензионирани, редовни студенти, корисници на социјална или детска заштита, како и евидентирани невработени лица, без тие да ги загубат своите постоечки права и бенефиции. Во тоа се вклучени и лица што користат старосна или семејна пензија, лица со право на социјална сигурност, како и редовни студенти со активен статус.

Министерот Дурмиши потенцираше дека ова законско решение е дел од државната стратегија за поттикнување на формалната економија, преку превентивни и стимулативни мерки кои ќе ги охрабрат граѓаните и фирмите да работат во легални рамки.

Работното ангажирање, како што се предвидува во законот, ќе се реализира преку регистрирање на лицата во посебен регистар што ќе го води Агенцијата за вработување на Република Македонија, додека даноците и придонесите ќе се наплатуваат преку надграден систем на Управата за јавни приходи.

Тони Јаревски, пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, во името на предлагачите, појасни дека во членот 5 во Законот е наведено дека во земјоделството, шумарството и рибарството, во објектите за сместување, сервисни дејности за храна и угостителството може работно да се ангажираат лица и тие да се од сезонски карактер. Работно ангажирано лице согласно овој закон може да биде лице кое не е во работен однос, вработено лице, самовработено лице, лица помлади од 18 години кои согласно општите прописи од работните односи ги исполнуваат условите за засновање на работен однос, студент, корисник на семејна и старосна пензија, со исклучок на корисници на семејна пензија по основ на неспособност за работа и странец кој има регулиран престој во земјава.

Работно ангажираните лица, како што појасни Јаревски, нема да ги изгубат стекнати права по посебните закони.

- Advertisement -
Ad image

– Што е предноста на овие ангажирани лица? Прво, нивниот ангажман ќе може да биде извршен брзо и ефикасно за разлика како што сега имавме административни процедури кои одземаат време и потешкотии. Ова законско решение предвидува и изработка на електронска апликација со кое што пријавувањето на ангажманот ќе биде брзо и ефикасно. Во самата евиденција јасно законот го препишува кои елементи и податоци треба да бидат опфатени при самата пријава. Истата апликација ќе може да врши и генерира различни типови на извештаи кои се потребни не само за работодавачот, не само за работно ангажираното лице кое што ќе може и користи, но исто така и за сите инспекциски служби согласно законот. Притоа, регулирана е исплатата на придонесите и исплатата на дополнителното здравствено осигурување. Мораше да се мисли и на заштита на работодавачите, но и на работно ангажираните лица. Она што е многу важно да се напомене работно ангажираните лица нема да ги губат стекнати права по посебните закони. Студентите нема да ја губат својата стипендија. Невработените лица нема да ја изгубат помошта по однос на невработеност и што е многу важно нема да бидат избришани од регистарот на невработени лица. Корисниците на старосна пензија нема да ја изгубат својата пензија. Тоа беа причините што најчесто досега беа како мотиви работниците ангажирани на условно кажано на црно да не сакаат да бидат пријавени иако работодавачите сакаа да ги ангажираат – рече Јаревски.

Заменик-министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски нагласи дека по контролите кои ќе следат од сите надлежни институции како што Трудовиот инспекторат и Пазарниот инспекторат ќе се дојде до тоа кои други одредени дејности од националната класификација треба да бидат дополнети.

– Ова е жив закон кој ќе треба да го работиме сите заеднички и секој од нас како институции ќе даваме придонес доколку биде усвоен од страна на Собранието. Кои лица можат да бидат ангажирани е тема која што посебно Министерството за социјална политика, демографија и млади е засегнато бидејќи сите категории кои денеска се дел од нашиот систем за правата за социјална заштита се ограничени со тоа да немаат никакви приходи на своите сметки, ниту членовите на нивните семејства да имаат приходи. Со овој закон се овозможува да им дадеме можност на самите тие да бидат дел ангажирани, а да не може да влијае токму на нивните права кои ги стекнуваат во делот на социјалната заштита – рече Велковски.

- Advertisement -
Ad image

Според директорката на Управата за јавни приходи, Елена Петрова, законското решение ќе донесе бенефити на повеќе полиња пред се за лицата кои ќе бидат работно ангажирани, како и за работодавачите кои ќе имаат порегулиран и полесен пристап до работна сила која што треба да ја ангажираат не преку редовен работен однос туку според своите времени потреби.

– Собирањето на јавните приходи ќе се подобри во овој дел, бидејќи сето тоа што се предлага во ова Предлог законско решение во овој момент се наоѓа нерегулирано, односно во рамките на една сива зона. Почнувајќи од 2009 година од воведувањето на системот на интегрирана наплата на бруто плата и подоцна воведувањето на системот е-персонален преку кој што се исплаќаат сите други оданочени примања на граѓаните. Имаме еден воспоставен систем преку кој секоја исплата оданочливо лично примање оди едновремено и неделиво од плаќањето на данокот на личен доход. Сметам дека ова можеме и треба да го инкорпорираме и во ова законско решение, да го задржиме постојниот систем, да не се враќаме чекор назад. Сметам дека на тој начин работодавачите всушност ќе користат веќе постојни и познати системи, а тоа ќе биде дополнително од корист за нив бидејќи постапката со добивањето на готова спецификација која УЈП ќе ја доставува до банките до носителите на платен промет во која ќе бидат внесени сите физички лица и трансакциски сметки, всушност ќе го олесни начинот на постапување на работодавачите – рече Петрова.

Александар Николовски, претседател на Универзитетското студентско собрание при УКИМ, ја поздрави иницијативата за носење на вакво законско решение.

– Ќе почнам од една реалност која сите ја живееме – мнозинството студенти денес живеат во постојан компромис помеѓу учењето и преживувањето, меѓу колоквиум и работа на црно, меѓу сонот да станат академски граѓани и потребата да си платат партиципација, кирија, храна, превоз и книги. Во Република Македонија не постои јасна можност редовен студент да биде ангажиран без да го загуби правото во однос на статусот. Сакаш да работиш, нема стипендија, нема оброк, нема сместување во студентски дом. Тоа е пораката што системот ни ја праќа. Ако не можеш, замини и тоа многумина го прават. Ние тука го бараме спротивното – можност да останеме – рече тој.

Додаде дека се залагаат за закон со кој ќе им се овозможи на студентите да работат во текот на целата академска година без притоа да ги изгубат правата што им следуваат како студенти.

– Студентот ќе добие искуства и поголема финансиска независност, државата ќе го намали одливот на млади и сивата економија, а работодавачот ќе добие мотивиран кадар, односно студенти кои со стекнати вештини во текот на студентските години ќе бидат квалификувани да работат на пазарот на работна сила. Вакви модели веќе постојат во Словенија, Хрватска и во Босна и Херцеговина. Не измисливме нешто ново. Ние само сакаме исти услови за достоинствен студентски живот како и нашите европски врсници – рече Николовски.

Ромео Костадинов, претставник на Сојузот на стопански комори

Според Ромео Костадинов од Сојузот на стопански комори, мора да се подобри ова законско решение и да се разгледуваат уште еднаш одредбите од законот.

Share This Article