Министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска е зачудена што Предлог законот за македонски јазик сѐ уште не е изгласан во Собранието.
Таа потенцираше дека испратила апел и до претседателот на Комисијата за култура да закаже седница, но уште нема повратен одговор.
– Не можам да поверувам дека еден ваков закон наидува на какви било препреки. Ќе разберев да беше некој друг закон, да се соберат политички поени, но за овој Предлог закон, особено во време кога за јазикот како жива материја гледаме дека имаме сѐ понеправилна употреба и дека имаме потреба од лектори и од поинаков механизам, но и од Инспекторатот кој што треба да се направи. Секоја друга мерка која ќе предложиме да ја правиме како Влада, ќе биде залудна доколку не се изгласа овој закон. Додека не се донесе законот, ние сме во една непријатна статус кво ситуација. Овој закон не е променет уште од 1998 година – рече Костадиновска Стојчевска.
Таа се надева дека час поскоро законот ќе се стави на дневен ред, ќе оди на амандманска расправа и ќе се изгласа.
Во однос на Стратегијата за култура, министерката извести дека е завршено лекторирањето на текстот и дека ќе биде испратен до Владата, а потоа во Собранието.
– При крај е и Стратегијата за заштита на културното наследство. Од тие два документа, потоа произлегуваат Законот за култура и Законот за заштита на културното наследство. Работната група работи по однос на Законот за заштита на културно наследство, нив не ги брзаме, не сакаме да биде закон кој ќе биде донесен преку ноќ. Тој Закон ќе се работи бидејќи мора да се усогласи со Законот за Охрид, иако годинава имавме позитивна одлука од УНЕСКО, тој остана на листата – рече Костадиновска Стојчевска.
Таа додаде дека од 19 забелешки од УНЕСКО, само две биле за нас, а 17 за Албанија.
– Оваа година првпат поднесувавме заеднички со Албанија, за да покажеме дека можеме заеднички да управуваме едно природно културно наследство кое што е го делиме – додаде министерката на брифингот со новинарите.