Background

Минчев потенцира дека постојат дупки во буџетот

По најавата за протест на 14 јануари на вработените во дел од министерствата, доколку не се прифати барањето да добијат 30% додаток на плата, министерот за јавна администрација, Горан Минчев, изјави дека протестот е демократско право.

Во интервју за ТВ 24, тој кажа дека тоа прашање треба да се разговара со повеќе министерства, пред сѐ во Министерството за  финансии, „за евентуални дополнителни средства“ во државниот буџет со кој ќе се овозможат тие 30%.

– Јас сметам дека таа сума е преголема. Факт е дека платите во администрацијата се мали, но постојат две опции – еден колективен договор за сите, но и индивидуални колективни договори за секоја институција посебно – рече Минчев.

- Advertisement -
Ad image

На прашањето дали ќе им се одговори на барањата на вработените со зголемување, одговори дека тоа ќе биде доколку се најдат средства што ги обезбедува Министерството за финансии, нагласувајќи дека е потребно време затоа што затекнале „огромни дупки во буџетот“ и, како што рече, „не може преку ноќ да се решат проблеми наталожени 30 години наназад“.

Со претседателот на синдикатот на УПОЗ, рече министерот, имал средба на која се договориле во писмена форма да ги достават своите забелешки за законите за јавна администрација со кои не се согласуваат и во втората половина на идната недела повторно да имаат средба „за да разговараат за се она што може да послужи за подобрување на овие законски решенија“.

До 27 јануари на ЕНЕР (Електронскиот национален регистар на прописи) завршува 30-дневниот рок за јавна расправа за четирите предлог-закони за реформи во јавната администрација: Законот за вработени во јавниот сектор, Законот за административни службеници, Законот за стручно усовршување и обука на административните службеници и Законот за инспекциски надзор.

Минчев истакна дека во изминатите 5 месеци е креиран овој пакет 4 закони кои, како што појаснува, се „почеток на реформи во јавната администрација“, и дека биле вклучени  синдикати, експерти, академската фела, невладини домашни и странски организации и сите засегнати страни.

По добиените забелешки на ЕНЕР, работната група од МЈА ќе ги креира конечните решенија што ќе бидат проследени на седница на Влада, а потоа и во собраниска процедура.

– Во овие закони, кои ги креира МЈА, овозможуваме фер натпревар за повеќе личности, каде што не е критериум партиската книшка, туку знаењето и исполнувањето на своите задачи – истакна Минчев, додавајќи дека тие се усогласени со европските законски стандарди односно со барањата на Европската комисија.

Со новите законски решенија треба да се реформира администрацијата во која, како што рече Минчев, само 30 до 40% од административците си ја работат работата, има одреден дел што воопшто не работат, во некои институции има дефицит од кадар, а некаде, пак, превработеност.

– Поради тоа, мора да се направи добар баланс, да се изврши преедукација на оние кои веќе се затекнати во јавниот сектор, со цел да бидат вклучени во процесот и во извршување на своите работни задачи, односно, народски кажано, да ја заслужуваат својата плата – рече Минчев.

На прашањето зошто Министерството за јавна администрација нема колективен договор, тој одговори дека колективен договор се носи кога ќе бидат обезбедени пари.

– Не може да се прифати колективен договор кога не се обезбедени средства во буџетот. Министерството за јавна администрација е во фаза на формирање синдикат, не постои синдикат, а колективниот договор се потпишува со релевантен претставник на синдикатите. Ние вчера имавме еден состанок со вработените на кој јас го иницирав тоа прашање да се формира синдикат, но така како што треба. И јас не го сметам синдикатот за противник, туку за партнер со кој е секогаш добро да се разговара, а и да се слушне нивното мислење – рече министерот за јавна администрација во интервјуто за ТВ 24.

ЗА НАС

ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.

© 2025 OhridSky. Сите права задржани.

Login to enjoy full advantages

Please login or subscribe to continue.

Go Premium!

Enjoy the full advantage of the premium access.

Stop following

Unfollow Cancel

Cancel subscription

Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.

Go back Confirm cancellation