Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ, Јован Митрески од СДСМ и Весна Бендевска од ЗНАМ се предлозите за идните потпретседатели на Собранието.
Тие треба да бидат избрани на утрешната собраниска седница откако претходно ќе бидат утврдени на Комисијата за избори и именувања.
Весна Бендевска која во емисија Клик плус на ТВ21 ги демантираше шпекулациите дека таа ќе биде идната министерка за правда од редовите на ЗНАМ, рече во иднина ќе има тројца потпретседатели на Собранието.
Пратениците денеска гласаа и за точката за основање на постојаните работни тела на Собранието која помина со 91 гласа „за“, без ниту еден „против“ и без ниту еден „воздржан“. Ова е трета седница на Собранието со новиот собраниски состав, а најверојатно утре по комисиската расправа ќе биде закажана и онаа за именување на замениците претседатели.
Веќе за во вторник, пак, се очекува пред пратениците да се најде и точката за изборот на новиот владин состав каде мандатарот Мицкоски и идниот премиер ќе треба да ги претстави пред народните избраници имињата на новите министри и владиниот тим но во експозето ќе треба да ја образложи и програмата на идната влада. Расправата во законодавниот дом може да трае најмногу два дена.
Мицкоски веќе најави дека во недела ќе ги свика Централниот и Извршниот комитет на партијата, а потоа ќе ги соопшти и имињата на министрите од редовите на ВМРО ДПМНЕ со кои до утре веќе треба да ги заврши и поединечните разговори.