Информациите кои стигнаа до нас од свиркачи се токму за работата на Клиниката за онкологија во текот на оваа година. Се ускратува правото на лечење на граѓаните, а никој не реагира, не реагира ни обвинителството, нема обвинителен акт, туку само предистрага срамежливо најавена. Нè убедуваа дека биле скандали од пред неколку години, ама видовме дека не е така – рече пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков и член на Извршниот комитет на партијата на гостување на утринската емисија на радио Лидер.
Лефков посочи дека од самиот Извештај за работата на Клиниката, извештај кој е од вонреден надзор, и во кој се гледа дека оваа година не прекинува продирањето на фармаколошките олигарси.
– Вонредниот надзор кој се однесува на крајот на 2022 година и оваа година покажува дека продолжува претходно обелоденетата пракса која вели дека се работи без процедури. Ревизорот вели дека практично луѓето кои работат се едни те исти, исти водат набавки, администрирање на постапката, нема начин за водење на евиденција на лекот, не се знае колку ампули се користат, не се води евиденција за истите, а тоа е исклучително скапа терапија – вели Лефков.
Лефков објасни дека Вонредниот извештај покажува дека со пописот на лекарствата за крајот на март во однос на само еден лек е регистрирана залиха од 120 милион денари, од вториот лек регистрирана залиха 122 милиони денари и слично.
– Или вкупна залихата една и половина милијарда денари околу 25 милиони евра, а тоа нема да ги спречи да распишат нова набавка од околу 8 или 9 милиони евра. Вкупните стокови резерви до пред некоја година беа 4 милиони евра па државата ги зголеми – информираше Лефков.
Според него, корупцијата е секогаш мерлива и се појавува, дали како инфлација, дали како недостиг.
– Дополнително не се почитуваат роковите за испорака, или при испорака има пробивање на рокови следствено е дека некој нема да го добие лекот. Или уставно загарантираното право се заменува со право за некој да зема профит, да краде – посочи Лефков.
Пратеникот укажа дека она што го покажа Анкетната комисија е дека тој што треба да се грижи за рационализација на работите е токму тој кој има судир на интереси.
– Додека фиктивно се чуваат лекови во вредност од 25 милиони евра други секојдневно молат за лек, дијабетичари, оние со ретки болести и слично. Извештајот ќе биде доставен до Анкетната комисија, ама видливо е дека Владата се обидува да ги прикрие работите – рече Лефков.