Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, денес се обрати на он-лајн промотивен настан за проектот „Следење реформи и раст во Западен Балкан“, во организација на Институтот за европска политика, а кој претставува платформа за регионална размена на искуства и добри практики во следењето и оценувањето на реформите, со учество на претставници од институциите, граѓанското општество и меѓународните партнери.
Во своето обраќање, министерот Муртезани ја нагласи важноста на структурираните и транспарентни механизми за следење на реформите, како клучни алатки за ефективно управување со реформските процеси и зајакнување на јавната доверба. Тој истакна дека Реформската агенда 2024–2027 година претставува национално управувана трансформациска платформа што ја вградува европската агенда во институционалните политики, при што се заснова на пет стратешки столба: владеење на правото, зелена транзиција, дигитална трансформација, човечки капитал и добро управување. Министерот подвлече дека реформите мора да бидат резултатски ориентирани, континуирано следени и отворени за корекции, за да ја одразат реалната динамика и очекувањата на граѓаните и партнерите.
Во продолжение следи интегралниот говор на МЕП Муртезани:
===========================================================================
Почитувани колеги, партнери и претставници на граѓанското општество,
Дозволете ми на почеток да упатам искрена благодарност до Институтот за европска политика за посветената координација на денешниот настан и за нивниот континуиран придонес кон регионалниот дијалог за реформите и растот. Овој регионален напор е многу неопходен затоа што воведува структура, транспарентност и споредливост во начинот на кој го оценуваме и соопштуваме влијанието на реформите во јавниот сектор. Во општество каде што очекувањата од институциите се високи, а временските рамки се кратки, јасноста во следењето на реформите не е само техничка работа, туку стратешка неопходност.
Проектот за кој денес разговараме директно се однесува на предизвиците со кои се соочуваме како национални координатори на сложени реформски агенди. Како министер задолжен за европски прашања и назначен за национален координатор за Реформската агенда на Северна Македонија, непосредно ја согледувам важноста од алатки кои не само што ги следат резултатите од реформите, туку и ги одразуваат институционалните напори, кохерентноста на политиките и општествената релевантност на она што се стремиме да го постигнеме.
Реформската агенда 2024-2027 година е национално управувана платформа за трансформација. Таа беше осмислена преку структуриран процес во кој беа вклучени ресорните министерства, граѓанското општество, развојните партнери и меѓународните експерти. Но, нејзиниот кредибилитет не се произлегува од нејзината замисла, туку на способноста да ги претвори политичките приоритети во видливи промени. Агендата препознава пет централни столба што ги одразуваат и националните и европските приоритети: владеењето на правото, зелената транзиција, дигиталната трансформација, развојот на човечкиот капитал и доброто управување. Секоја од овие области содржи посебни реформи, временски рамки и очекувани резултати, но и покрај тоа, тие се меѓусебно зависни и се надополнуваат.
Во изминатата година, Северна Македонија презеде конкретни чекори за вградување на оваа агенда во работата на јавните институции. Со донесувањето на новиот Закон за буџети се воспостави потранспарентна рамка за управување со јавните средства заснована на правила. Системите за внатрешна финансиска контрола се прошируваат и се вградуваат во клучните институции. Во областа на човечкиот капитал, се управува со регионални центри за стручно образование со цел подобро усогласување на образованието со потребите на пазарот на трудот. Во рамките на Зелената агенда, оперативните рамки за енергетска транзиција се воведуваат паралелно со планирањето на законодавството. Сите овие мерки се следат во однос на јасно дефинирани одредници и показатели за успешност.
Во овој контекст, Следењето реформи и раст не претставува само компаративен збир податоци. Проектот нуди можност, следењето на реформите засновано на докази да се интегрира во планирањето на политиките, одлуките за финансирање и механизмите за јавна одговорност. Ја засилува пораката дека реформата не е повремена активност, туку постојана обврска. Уште поважно, ова ни овозможува да ги согледаме нашите напори во споредба со оние во регионот, каде е постигнат напредок и каде постои потреба од заедничка акција.
Особено ми е задоволство што на овој настан присуствува и мојата колешка Маида Горчевиќ, министерка за европски прашања на Црна Гора, и воедно национален координатор. Нашата соработка трае одамна, но со текот на времето станува сѐ поважна. Како колеги, работиме во политички системи кои можеби се разликуваат во детали, но се соочуваат со истиот клучен предизвик: како да се спроведат трансформативни реформи под притисок на ограничените ресурси, зголемените јавни очекувања и барањата на процесот на пристапување во ЕУ. Оваа меѓусебна соработка не е важна само за унапредување на нашите национални практики, туку и го зајакнува регионалниот глас во дијалогот со Европската Унија и меѓународните партнери.
Координацијата на националната Реформска агенда не значи само усогласување на институциите или доставување извештаи. Таа подразбира осигурување внатрешна усогласеност на реформите, нивна јасна комуникација со јавноста и отпорност на политички или административни промени. Потребно е јасно разбирање на редоследот на дејствување, силна поврзаност помеѓу реформските амбиции и институционалниот капацитет, како и постојана комуникација со јавноста и со нашите меѓународни партнери. Во тој поглед, координацијата е и техничка и политичка улога. Дозволете ми да нагласам дека динамиката на реформите не смее да се занемари. Таа мора да се обновува преку конкретни резултати, институционално учење и регионална солидарност. Алатките како што е Следењето реформи и раст можат да имаат значајна улога во овие напори, но само доколку не се користат исклучиво за известување, туку како дел од поширока реформска култура што ги вреднува доказите, транспарентноста и дијалогот.
Остануваме целосно посветени на тоа нашата Реформска агенда да стане „жив“ документ кој постојано се дополнува. Не преку изјави, туку преку политики што се спроведуваат, се следат и континуирано се приспособуваат. За крај, сакам да истакнам дека реформите успеваат таму каде што има одговорност, координација и доверба. Платформите како денешниот настан се важни бидејќи нè потсетуваат дека реформата не е само национално прашање. Таа е регионално и европско прашање, со заеднички одговорности и заеднички очекувања. Ви благодарам за вашето внимание.