Директорот на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување (ПИОМ), Никола Мемов вели дека препораките на Фискалниот совет за пензионирање на 67-годишна возраст и за мажите и за жените не се прифатливи во овие услови и во овој момент.
– Тоа јасно го кажа и Владата и тие препораки нема да бидат составен дел на Фискалната стратегија за периодот од 2025 година до 2029 година. Во овие услови во државата, Владата смета дека моментот сè уште не е созреан за оваа насока и дека треба да се задржи моментумот на социјалните трансфери – рече Мемов во гостување на Телма.
Тој смета дека граѓаните имаат потреба од зголемен социјален трансфер, односно, потребна е поддршка на социјалниот момент во државата.
Сите граѓани, посочи Мемов, чувствуваат потреба за зголемување на животниот стандард, бидејќи цените растат.
Директорот на Пензискиот фонд рече дека основен извор на финансирање се изворните приходи, поточно наплата на придонесот за пензиско и инвалидско осигурување од 18,8 проценти на бруто платата.
Како што рече, од тие изворни приходи од 18,8 проценти, дел се користат за исплата на пензиите, а друг дел се трансферира во вториот пензиски столб.
– Се исплаќаат 12,8 проценти за пензии, а шест проценти, односно една третина од вкупниот буџет што се собира како приход од овие извори на финансирање се трансферираат во вториот столб. Изворните финансиил, односно од 18,8 проценти придонес, не се доволни за исплата на сите пензии – рече Мемов.
Тој додаде дека претходните влади, уште од формирањето на македонската држава, знаеле дека финансирањето на пензиите не може целосно да се покрие од придонесите за пензиско и инвалидско осигурување.
– Затоа се прават концепти за изнаоѓање на начини за обезбедување на пасивен извор на приход. Во 90-тите години, кога се донесе Законот за приватизација, тој концепт е применет преку процентуални удели, акции од акционерските друштва. Фондот за пензиско и инвалидско осигурување имал акции од над 10 проценти од Алкалоид, Европа, Цементарница, Телеком и од Комерцијална банка. Концептот бил со комерцијалното, успешно работење на овие компании, преку дивиденда да се покрива таа дупка во фондот за исплата на пензиите. Минатите влади овие удели во компаниите, сукцесивно, со одлука на влада, ги продаваа и се откажуваа од тие удели. Значи државата, Владата, се откажува од тој извор на финансирање – додаде Мемов.
За да се обезбеди дополнителен пасивен приход за полнење на буџетската каса за исплата на пензии, додаде Мемов, од 2003 година е направена нова реформа со три пензиски столба, каде се применува концептот на пасивен извор на финансирање.
– Значи, парите да работат за тебе, односно за нас. Таа улога им е давена на пензиските друштва во вториот столб. Трансферите од Владата до Пензискиот фонд за исплата на пензиите се така стратешки поставени. Владата пред 20 години знаела дека една третина од буџетот што се прибира ќе се уплаќа и ќе се акумулира во вториот столб – посочи Мемов.
Тој напомена дека дигитализацијата е врвен приоритет во Фондот за пензиско осигурување.
Следната недела, како што најави, ќе промовираат нови 17 вебуслуги преку е-влада, за да можат граѓаните онлајн да ги поднесуваат барањата во Фондот.