Нема кој да ја преработува пченицата која ќе се увезува од Украина, велат мелничарите кои поради конкуренцијата на српското брашно и скапите резерви од пченица увезена во јануари дневно губат и по 3 милиони денари. Земјоделците стравуваат дека, ако се увезува украинска пченица годинава ќе падне откупната цена на житото, што ќе значи и нов пад на површините засеани со оваа култура.
Мелничарите велат дека, и покрај тоа што украинската пченица е со светска цена од 12 денари по килограм, македонските мелници не можат да ја увезат бидејќи немаат пари да ја платат, а згора на тоа од лани без образложение не се спроведува договорот за слободна трговија со оваа земја потпишан во 2001 година.
– Нема да има ефект од најавениот увоз на пченица од Украина, бидејќи мелниците не можат да се задолжуваат повторно кај банките за да го платат овој увоз. Не веруваме и дека ќе се почитува договорот за слободна трговија и увоз без царина, бидејќи некои мелниците кои лани се обидоа да договорат увоз од украина имаа проблем на царина. Договорија увоз на пченица од оваа земја по пониски цени, но мораа да платат по 5.000 евра царина за секој камион што ќе влезе во земјава, и се откажаа. Нејасно е дали годинава ќе профункционира договорот или е само изјава за јавност на министерот која е спротивна од она што лани е договорено во земјите од ЦЕФТА. Сепак и годинава се орентираме на домашната пченица која очекуваме да ја достигне берзанската цена која подолг период паѓа – вели Горан Малишиќ, претседател на Здружението на мелничко-пекарската индустрија во Стопанската комора.
Тој додава дека мелниците моментно работат со загуба бидејќи трошат скапа суровина за производство на брашно, а не можат да ја зголемат неговата цена бидејќи се увезува многу поевтино српско брашно.
– Лани ја плативме пченицата по 23 денари за килограм, цена по која сега се увезува српското брашно. Тоа значи дека ние брашното го продаваме по дисконтна цена и трпиме загуби поради скапите резерви обезбедени на почетокот на годината. Дневно секоја мелница, ако произведува брашно, произведува и загуба од 2 до 3 милиони денари. Затоа и неколкуте мелници кои останаа на пазарот веќе размислуваат да го намалат производството и не знаат што да прават со вработените, бидејќи за нив треба да се обезбедат плати – вели Малишиќ.
Тој додава дека поради променливата владина политика згаснува еден од поважните сектори во земјава.
Земјоделците, пак, се загрижени од можниот увоз на пченица од Украина, кој може да влијае на намалување на домашното производство веќе годинава, бидејќи ќе се соочат со откупна цена која ќе биде далеку пониска од производната.
– Ако Министерството за земјоделство и нашата држава не сакаат ние да произведуваме пченица слободно нека повели и нека увезувааат. Следната година ние нема да ја произведуваме оваа култура и тогаш ќе станеме целосно зависни од увоз – вели Петре Стојкоски, претседател на Асоцијацијата на земјоделци.
Тој потсетува на планот на владата за зголемување на површините под житни култури за да се намали зависноста од увоз, но и дека поради ниската откупна цена неоткупени останале околу 8 милиони килограми пченица на кои може да смета државата.
Годишно, зависно од произведените количини, во земјава се увезуваат по 80.000 до 100.000 тони пченица главно од соседните држави.
Владата досега не донела одлука за увоз на пченица од Украина, но ако има потреба и добра цена за трговците, ќе се дозволи увоз на жито, изјави неодамна министерот за економија Крешник Бектеши.
– За нас приоритет е домашното производство, но бидејќи тоа не е доволно за покривање на потребите, ние дозволуваме увоз на жито и други житарки. Неодамна потпишавме и договор за слободна трговија со република Украина. Во врска со увозот на жито ќе одиме во насока на одлуките на ЕУ. Ние увезуваме житарки од Турција, Грција, Србија и од Албанија, но ако има добра цена за нашите трговци, ќе увезуваме и од Украина – рече Бектеши.
Евтината пченица и други земјоделски производи од Украина беа причина неколку земји членки на ЕУ да воведат привремени забрани за увоз за да ги заштитат сопствените производители.