Македонското хематолошко здружение, во средината на септември, 2023 го одржа Третиот меѓународен Конгрес на кој присуствуваа врвни водечки експерти од светски реномирани центри за хематолошки заболувања.
Главниот фокус на оваа конференција беа хематолошките малигни заболувања, област каде што е постигнат најголем напредок во последните години, со голема промена во терапевтските опции и развој на нови биолошки и имунолшки таргетирани терапии и експанзија во развој на клеточни терапии. Голем интерес привлече и сесијата на која беа презентирани последните Европски водичи за справување со тромбозата асоцирана со канцер (ESMO guidelines), од нивиот автор проф. Героцифас од Универзитетот Сорбона, Париз, Франција.
Проф. д-р Ирина Пановска Ставридис, директорка на Клиниката за хематологија, која беше ко-претседавач на конгресот, заедно со акад. Димитар Ефремов, изјави дека конгресот зборува за успешноста и реномето на Клиниката и дека привилегијата Скопје да ги пречека водечките европски хематолози е потврда плус за серизоноста и посветеноста кон работата на македонските хематолози.
На конгресот беа презентирани актуелните случувања во областа и беа споделени најновите достигнувањата во управувањето со пациентите со хематолошки заболувања.
– Основната цел на Македонското хематолошко здружение е да обезбеди континуирана едукација на нашите членови со што дополнително ја подобруваме македонската медицинска наука и го унапредуваме воспоставувањето на добра клиничка пракса. Силно верувам дека овој конгрес беше исклучителна можност за сите нас да го освежиме своето знаење, да го подигнеме нивото и дополнително да ја потврдиме нашата клиничка пракса преку презентација во живо на најновите податоци за современите дијагностичките и прогностички модели, како и за последните актулени модалитети за лекување и справување со малигните хематолошки болести, од кои дел се сѐ уште во развој, за што навистина се чуствуваме привилегирани – изјави д-р. Пановска Ставридис.
Проф. Димитар Ефремов е поранешен експерт од Клиниката за хематологија во Скопје, а долги години работи во Италија.
– Ме радува фактот дека имаше повеќе од 170 пријавени учесници, не само од Северна Македонија, туку и од повеќето соседни земји. Имаше предавања од 30 меѓународно познати експерти кои дојдоа од цела Европа, вклучувајќи ги Италија, Франција, Германија, Австрија, Унгарија, Шпанија, Грција, Турција, Обединетото Кралство, и опфатија различни аспекти поврзани со управувањето со пациенти со хематолошки заболувања. Ова само зборува за напредокот и угледот кој го има Клиниката за хематологија и нашите експерти кои работат во неа – изјави проф. д-р. Ефремов.
Успешноста на конгресот е уште еден доказ за посветеноста на стручњаците од оваа област да придонесат и во науката и во практиката и можност за напредок во лекувањето на хематолошките пациенти.
Македонските хематолози преку своите презентации и предавања покажаа колку многу оваа област напреднала во изминатите пет години.