Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен изјави дека најавениот прекин на огнот во Либан меѓу Израел и Хезболах е „многу охрабрувачка вест, пред сѐ за либанскиот и израелскиот народ погодени од овие конфликти“.
„Либан ќе може да ја зајакне својата внатрешна безбедност и стабилност благодарение на намаленото влијание на Хезболах, моќната либанска вооружена група поддржана од Техеран“, напиша фон дер Лајен на социјалната мрежа Блускај.
Високиот претставник на Европската унија за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел изјави дека „договорот за прекин на огнот во Либан е олеснување за разорната ситуација на Блискиот Исток“.
– Сакам да ги пофалам Франција и САД за нивното посредување. Сега е клучно примирјето да се одржи за да се гарантира безбедноста на граѓаните на Либан и Израел, како и враќањето на внатрешно раселените лица – рече Борел.
Тој нагласи дека е неопходно „целосно спроведување на Резолуцијата 1701“.
Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок го поздрави најавениот прекин на огнот во Либан меѓу Израел и Хезболах и рече дека тоа е „зрак на надеж за целиот регион“.
– Населението од двете страни на границата сака да живее во вистинска безбедност што ќе трае – наведе Бербок во изјавата, оценувајќи го договорот како „успех за демократијата“.
ОН го поздравија прекинот на огнот меѓу Израел и Либан и нагласија дека ќе биде потребна „значителна работа“ за да се обезбеди неговата одржливост.
Британскиот премиер Кир Стармер изјави дека денеска објавеното примирје меѓу Израел и Либан ќе донесе „одредено олеснување“ за цивилното население во двете земји, иако оцени дека тоа требало да биде постигнато одамна.
– Овој договор ќе донесе одредено олеснување за цивилното население на Либан и северен Израел, кои претрпеа големи последици во последните месеци од разорниот конфликт – рече Стармер.
Тој додаде дека прекинот на огнот сега треба да се претвори во трајно политичко решение во Либан.